• сабота, 23 ноември 2024

Трас: Ја повикуваме Русија на деескалација и водење конструктивни преговори за Украина

Трас: Ја повикуваме Русија на деескалација и водење конструктивни преговори за Украина
Сиднеј, 21 јануари 2022 (МИА) - Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас денеска ја повика Русија, пред состанокот на шефовите на дипломатиите на САД и Русија, да ги смири тензиите и да води конструктивни разговори за Украина, предупредувајќи дека инвазијата на таа земја ќе доведе до големи човечки загуби.
Русија во последните месеци распореди десетици илјади војници на границите со Украина, поради што се стравува дека се подготвува инвазија. Москва негира дека има такви планови, но инсистира да добие писмени гаранции за нејзината безбедност, вклучително и ветување дека Украина нема да влезе во НАТО.
„Заедно со нашите сојузници продолжуваме да ја поддржуваме Украина и ја повикуваме Русија на деескалација и на водење конструктивни преговори“, рече британската министерка за време на посетата на Сиднеј.
Таа додаде дека Кремљ „не научил лекции од историјата“ и посочи дека инвазијата би довела до „ужасна загуба на животи“ како кога Советите биле во Авганистан или за време на чеченскиот конфликт.
По серијата дипломатски состаноци во Европа минатата недела, Москва и Вашингтон треба уште еднаш да се обидат да ја отстранат заканата од нов конфликт во Украина за време на средбата меѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговиот руски колега Сергеј Лавров денеска во Женева. паг/
     

Остани поврзан