Трамп и Трудо три часа разговарале во резиденцијата Мар-а-Лаго на Флорида
- Како што наведува добро информиран извор, вечерата траела три часа, а во текот на разговорот двајцата разгледале повеќе теми како што се трговијата, безбедноста на границите, одбраната, Украина, НАТО, односите со Кина, како и Состанокот на групата Г7 во Канада следната година, јави магазинот Тајм.
Мајами, 30 ноември 2024 (МИА) - Канадскиот премиер Џастин Трудо и новоизбраниот американски претседател се сретнаа денеска во резиденцијата на Доналд Трамп во Мар-а-Лаго, откако Трамп се закани дека ќе воведе високи царини за канадските производи доколку земјата не го спречи пристигнувањето на мигрантите и протокот на дрога преку нејзината граница во САД.
Како што наведува добро информиран извор, вечерата траела три часа, а во текот на разговорот двајцата разгледале повеќе теми како што се трговијата, безбедноста на границите, одбраната, Украина, НАТО, односите со Кина, како и Состанокот на групата Г7 во Канада следната година, јави магазинот Тајм.
Трамп претходно се закани дека на Канада и Мексико ќе им воведе царини од 25 отсто на сите производи што влегуваат во САД доколку не го запрат протокот на мигранти и дрогата фентанил преку нивната граница.
Канадскиот премиер е првиот лидер на Г7 кој го посети Трамп по претседателските избори на 5 ноември.
Тимот на Трамп не сакаше да коментира за што разговарале двајцата официјални лица за време на средбата, а ниту канадскиот премиер, пренесува Тајм.
Трудо претходно предупреди дека воведувањето тарифи може сериозно да ги загрози трговските односи меѓу Канада и САД, вклучувајќи го и договорот НАФТА, што потоа беше ревидиран за време на мандатот на Трамп.
Трамп ја упати заканата со царини во контекст на борбата против илегалната миграција и трговијата со дрога, особено фентанилот, за кој тврди дека доаѓа од Мексико и Канада.сд/
фото:ЕПА