• сабота, 21 февруари 2026

Трамп: Апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор е лошо за британското кралско семејство

Трамп: Апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор е лошо за британското кралско семејство

Вашингтон, 20 февруари 2026 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор е „лошо за британското кралско семејство“, објави ДПА.

Неговиот коментар следуваше по апсењето на поранешниот принц под сомнение за злоупотреба на јавна функција поради неговите врски со финансиерот и сексуален престапник Џефри Епстин.

Во разговор со новинарите на пат кон настан во државата Џорџија, Трамп го пофали братот на Ендрју, британскиот крал Чарлс III, и додаде дека тој „многу бргу ќе дојде во нашата земја“.

Претседателот додаде дека „апсењето на Ендрју е срам“.

„Мислам дека е многу тажно. Мислам дека е многу лошо за кралското семејство. Да се ​​види што се случува со брат му, кој очигледно многу бргу ќе дојде во нашата земја, е многу тажно. Кралот е фантастичен човек“, додаде Трамп.

Ендрју беше уапсен вчера наутро за обвиненија што произлегоа по објавувањето на досиејата поврзани со Епстин.

Поранешниот војвода, кој е првиот висок член на британското кралско семејство уапсен во модерната историја, беше приведен околу 11 часот наутро на неговиот 66-ти роденден поради обвинувања дека споделувал чувствителни информации со Епстин додека тој бил британски трговски претставник.

Ендрју негира какво било кривично дело во врска со неговите врски со Епстин.сд/мс/

Фото: ЕПА 

Остани поврзан