• вторник, 24 декември 2024

Традиционална средба на камионските превозници, обезбедени повеќе ЦЕМТ дозволи за 2025 година

Традиционална средба на камионските превозници, обезбедени повеќе ЦЕМТ дозволи за 2025 година

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) – За 2025 година има зголемување на бројот на дозволи и на располагање имаме 1.750 годишни ЦЕМТ дозволи што е за 70 повеќе од оваа година. За следната година на располагање имаме и 2.736 месечни ЦЕМТ дозволи и тоа 720 за ЕВРО 5 и 2.016 за ЕВРО 6, порача заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири на 19. Средба на камионските превозници во организација на Асоцијацијата Макам-транс и додаде дека и во иднина ќе продолжи поддршката од Владата за транспортниот сектор.

Владата, како што кажа, во транспортерите гледа партнер со кој заедно ги креираат транспортните политики и создаваат услови за подобри услови  за работа во оваа дејност.

-Развојот на вашите компании и зачувувањето на работните места се многу важни за одржување на стабилноста на економијата и затоа преземаме иницијативи и активности за да обезбедиме непречен и континуиран транспорт, рече Зеколи Шаќири.

Нагласи дека Министерството за транспорт разви нов систем за распределба на дозволите кој е поефикасен од претходниот и по првпат е поврзан со Агенцијата за вработување и Централниот регистар.

-Во периодот што следи ќе продолжиме да се поврзуваме и со други институции и очекуваме целисходност и непреченост на функционирање на системот со дозволи. Направена е и промена со која се сменети критериумите за аплицирање за ЕКМТ дозволи, потенцира Зеколи Шаќири и додаде дека се преговара со неколку држави за зголемување на квотите за дозволи.  

Директорот на Царинската управа Бобан Николовски ја поздрави добрата соработка со Макам-транс и со останатите транспортни асоцијации и информираше за неколку тековни проекти што, како што рече, значително ќе ја олеснат работата на превозниците. 

-Воведувањето на Системот за видео надзор и препознавање на таблички, автоматски ќе алармира кога одредена лента на граничен премин е преоптоварена и ќе овозможи брза реакција и намалување на времето за чекање на граница. Во тек е воведување на телесни камери за царинските службеници, со цел дополнително следење на завршување на постапките и контролите, а со тоа намалување на корупцијата, рече Николовски. 

Посочи дека интензивно се работи на започнување на проект за Автоматизација на терминалите, што вклучува целосна замена на постоечките ваги и рампи со нови дигитални ваги и автоматизирани рампи, а, како што кажа, во тек се реконструкции на три гранични премини и се чека на отворање на два нови кон Бугарија и Грција. 

-Усогласени се смените со Агенција за храна и ветеринарство, што за превозниците значи значително забрзување на протокот на стоки на клучните гранични премини,... Од август оваа година  воспоставен е директен линк на модулот на Макам-транс за пријавување мито, корупција и мигранти со Царинскиот дежурен оперативен центар, што овозможува да се реагира во реално време и да се спречат коруптивни појави и недозволени дејства, рече Николовски.

Нагласи дека очекува соработката со економските оператори да се одвива во континуитет, со посветеност и разбирање на сите нивоа од страна на Царинска управа, но и од страна на стопанството.

Генералниот секретар на Макам-транс Билјана Муратовска истакна дека е потребно на право место и на прав начин да се детектираат и да се пренесат проблемите со кои се соочуваат превозниците за да може да се најде решение и да се спроведе визијата на директорот на Царинска управа за заедничка соработка со превозниците.

-Никој, ни Министерството за транспорт ни Царинската управа, не вели дека проблемите може да се решат преку ноќ, меѓутоа ако со заеднички сили се потрудиме и детектираме проблеми кои се јавуваат, мислам дека ќе имаме напредок во секој поглед на соработка меѓу себе, рече Муратовска. вј/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан