Традиционална Бадникова литија во Велес
- На Бадник, свештеници од градот Велес денеска отслужија Света Златоустова Литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, на која присуствуваше и Митрополитот Повардарски г. Агатангел.

Велес, 6 јануари 2024 (МИА) - На Бадник, свештеници од градот Велес денеска отслужија Света Златоустова Литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, на која присуствуваше и Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Агатангел ги даруваше дечињата кои беа собрани во црквата со бадникови пакетчиња, а беа поделени и Бадниковите гранчиња. По ова, беше формирана традиционалната Бадникова Литија, на која дечињата громогласно и радосно го најавија Христовото раѓање и пренесоа топла празнична порака, пеејќи ја Бадниковата песна „Вечниот Бог“ низ улиците на градот Велес.
Бадниковата поворка тргна од храмот „Св. Кирил и Методиј“ низ главната велешка улица „Благој Ѓорев“ свртија кај кружниот тек „Авона“ потоа покрај Детската градинка „Димче Мирчев“ па се до Општина Велес. Таму децата учесници во Бадниковата поворка беа пречекани и дарувани со бадникови пакетчиња и од градоначалникот Марко Колев. ад/аа/
Фото: Повардарската епархија