• вторник, 24 декември 2024

Тошковски: МВР ќе преземе жестоки мерки кон секој кој намерно предизвикува пожари

Тошковски: МВР ќе преземе жестоки мерки кон секој кој намерно предизвикува пожари

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека МВР ќе преземе жестоки мерки кон секое лице кое намерно предизвикало пожари и ја загрозува безбедноста и животите на нашите граѓани.

-Во овие тешки моменти кога се соочуваме со катастрофални пожари, уште еднаш апелирам до сите граѓани да постапуваат совесно и одговорно, да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожари и да пријавуваат сомнителни активности. Воедно, сакам да потенцирам дека МВР ќе преземе жестоки мерки кон секој кој намерно предизвикува пожари и ја загрозува безбедноста и животите на нашите граѓани, напиша Тошковски на неговиот Фејсбук профил.

Тој на социјалната мрежа споделува и објава од МВР за приведен маж од радовишко затоа што подметнал пожари.

Објавата на министерот Тошковски следи по обвинувањата од СДСМ дека состојбата со пожарите низ Македонија е алармантна и загрижувачка и оти Владата на Мицкоски и институциите под нејзина надлежност потфрлаат во справувањето со огнената стихија.

-Постојат индиции дека дел од пожарите можеби се и подметнати. Но досега нема никакви информации од МВР. Зошто никој не е приведен? Зошто ниту еден случај не е расчистен? Тошковски покажа неспособност да ја координира активноста на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи. Бараме итно Мицкоски да го смени Тошковски и да се назначи нов одговорен за координација на системот за управување со кризи, кажа на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска. вг/ац/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан