• вторник, 24 декември 2024

Тодоров: 17 октомври е референдум за Кавадарци, да победи најдоброто

Тодоров: 17 октомври е референдум за Кавадарци, да победи најдоброто
Кавадарци, 4 октомври 2021 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на општина Кавадарци на СДСМ и на Коалицијата Горан Тодоров вечерва на митинг во Кавадарци истакна дека со кандидатурата за градоначалник 100 проценти се насочува кон својот роден град. - Во изминативе четири години, како претседател на Општинската организација на СДСМ Кавадарци, и сите останати партиски и јавни функционери заедно со премиерот Заев, Владата на СДСМ, успеавме да реализираме голем број проекти. Единаесет милиони евра инвестиравме овде, во Кавадарци. Сите клучни и витални проекти кои му недостигаа на градот, од патишта, водовод, канализација, нова детска градинка, спортска сала, се проекти за вас, граѓаните, рече Тодоров. Тој најави дека следните четири години како градоначалник, заедно со советниците од СДСМ и коалицијата, ќе реализира уште многу проекти за Кавадарци, од кои ги издвои изградба на регионален откупен центар за грозје, изградба на пречистителна станица во Кавадарци, гасификација на Општина Кавадарци, проект „Зелено Кавадарци”, во кој се предвидува низа мерки за намалување на загадувањето. Тодоров најави решавање на бројни инфраструктурни проблеми во градот и општината, како и намалување на комуналните издатоци за 50 отсто. Според него, Кавадарци почнува да се движи во непосакувана насока, станува економски, финансиски, политички окупирана општина, како што рече, на една мала група луѓе, на чело со градоначалникот во заминување Митко Јанчев. - Кавадарци на чело со Митко Јанчев почнува да го губи својот сјај, од слободен град, станува град во приватна сопственост на Митко Јанчев, а ние негови кираџии, порача Тодоров. Тој нагласи дека 17 октомври е референдум за Кавадарци. - На 17 октомври избираме дали сакаме Кавадарци да стане ново Кратово од 90-тите години или со заеднички сили да го спречиме ова самоволие, со глас за бројот 12, порача кандидатот за градоначалник на општина Кавадарди на СДСМ и Коалицијата Горан Тодоров. цр/хс/

Остани поврзан