• понеделник, 23 декември 2024

Титовистите од Кочани го одбележаа Денот на младоста и роденденот на нивниот патрон

Титовистите од Кочани го одбележаа Денот на младоста и роденденот на нивниот патрон
Кочани, 25 мај 2022 (МИА) – Членовите на граѓанското здружение „Јосип Броз Тито“ од Кочани денеска го одбележаа Денот на младоста и роденденот на нивниот патрон и организираа дефиле по улиците на градот. По краткиот собир пред седиштето на здружението во градскиот пазар, со возила накитени со фотографии, амблеми, македонски и знамиња на поранешата југословенска држава, титовистите со моторни возила прошетаа во централното градско подрачје. -Поради специфичната политичка и здравствена ситуација во светот, и годинава изостана организирањето собир и симболично предавање на титовата штафета во центарот на градот. Сепак, не се откажуваме од негувањето на спомените на Тито и времето во кое се живееше многу подобро отколку денес. Ние сме единственото здружение во земјава кое секоја година на денот на смртта на маршалот на Југославија го посетува неговиот гроб во Белград, но го слави и неговиот роденден и сите други важни датуми од поранешната СФРЈ. Сакаме да им укажеме на младите, кои не биле родени во тој период, дека тогаш имаше организиран систем и во правосудството, и во образованието, здравството, безбедноста и сите други институционални форми, а со црвениот југословенски пасош се патуваше по светот без визи или какви било други ограничувања, изјави Трајан Трендов, претседател на здружението „Јосип Броз Тито“. Моја желба, како што рече, е нашите внуци повторно да живеат во држава во каква што живеевме ние, нивните дедовци.  -Погледнете само, дури и ЕУ денес го копира начинот на општествено организирање што го креираше „диктаторот“ Тито. Тоа е признание дека тој беше светски лидер, водач на неврзаните земји, историски факти што никој не може да ги негира, истакна Трендов. Кочанските титовисти веќе воспоставиле соработка со слични здруженија од Словенија, Хрватска, Србија и од другите поранешни југословенски републики, при што се договара од идната година симболично да се обнови носењето на штафетата на младоста и да се организира посета на титовата родна куќа во Кумровец. та/мд/

Остани поврзан