• сабота, 06 декември 2025

„Тимот Европа“ подготвува нова посета на Либија

„Тимот Европа“ подготвува нова посета на Либија

Атина, 10 јули 2025 (МИА) – Одново да се активира пристапот „Тим Европа“, со повторно испраќање на делегацијата на ЕК и надлежните министри на Грција, Италија и Малта со цел да се продолжи посетата на Либија, се договориле премиерите на трите земји и претседателката на Европската Комисија на нивната денешна средба на маргините на Конференцијата за обнова на Украина, брифираат грчки владини извори, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите извори, грчкиот премиерот Киријакос Мицотакис се сретнал со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, италијанската премиерка Џорџа Мелони и малтешкиот премиер Роберт Абела, а главната тема биле последните случувања во мигрантското прашање.

На средбата сите се согласиле за потребата одново да ѝ се пристапи на Либија, како и „Тимот Европа“, односно европската делегација, одново да замине во земјата и да ја продолжи посетата.

Во вторникот, делегацијата од Европската Унија предводена од еврокомесарот за миграција Магнус Брунер во која беа министерот за миграција и азил на Грција и министрите за внатрешни работи на Малта и Италија беше во Либија, каде што во Триполи се сретна со Владата на национално единство на Либија, а планирана беше средба и со Калифа Хафтар во Бенгази, меѓутоа тамошната Влада не ги прими членовите на делегацијата и ги прогласи за непожелни. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан