• сабота, 23 ноември 2024

Тиквешка винска регата по течението на реката Вардар

Тиквешка винска регата по течението на реката Вардар
Кавадарци, 18 јуни 2022 (МИА) - Во водите на реката Вардар денеска почна традиционалната Тиквешка винска регата. Дводневниот настан го организира Здружението за промоција на производи од грозје и развој на вински туризам „Винотек". - Со неколку гумени чамци, тргнавме по патот на виното. Целта е да се промовира винскиот пат во државата, на кој бројни винарии нудат вино со извонреден квалитет. Но и реката Вардар, која нуди неповторлии доживувања, а по која, во минатото, со сплавови се носело извонредното тиквешко вино до Солун. Сакаме да ја споиме љубовта кон виното и љубовта кон водата, која преку наводнувањето на тиквешките лозја, го раѓа, ако може така да се каже, тоа квалитетно вино. Кај нас во Тиквешијата при полнењето на првата чаша се вика, да живејме, а веќе за втората се коментира, дека, за да живејме, треба уште да налејме, рекоа организаторите. Тие истакнаа дека сето ова се прави во функција на развојот на туризмот. Традиционално, настанот низ годините содржи посета на винарници во тиквешкиот регион, но и многу други интересни случувања за учесниците во регатата. Зоран Станоев - Дејзи за првпат е дел од манифестацијата и изјави за МИА дека ова е извонредно нешто, што вреди да се доживее. - Ваква винска авантура посакувам секому. Кој еднаш дошол на регата, посакува повторно да биде дел од неа, рече Станоев.свд/фф/

Остани поврзан