• вторник, 24 декември 2024

Тигањ на средба кај Гаши: Хрватска и понатаму ќе се залага во Брисел за што поскоро отворање на преговорите со Северна Македонија

Тигањ на средба кај Гаши: Хрватска и понатаму ќе се залага во Брисел за што поскоро отворање на преговорите со Северна Македонија

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Хрватска и понатаму ќе се залага во Брисел, кај европските партнери, за што поскоро отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и за нејзиното зачленување во Унијата, рече денеска амбасадорката Нивес Тигањ на средбата со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Тигањ и Гаши оцениле дека Северна Македонија и Хрватска имаат одлични политички и бизнис релации, делуваат како НАТО сојузници, како и дека меѓу нив нема отворени прашања.

Гаши на средбата, како што соопшти неговиот Кабинет, искажа голема благодарност за континураната поддршка што Хрватска ја дава на македонската европска перспектива.

-Реформскиот пат на земјата продолжува, вклучително и усогласувањето со европското законодавство. Треба да делуваме како Европејци пред да бидеме дел од ЕУ. Во двата законодавни дома функционираат групи за пријателство, како потврда за заложбите за поблиска меѓупарламентарна соработка и пријателски врски. Исто така, одлични се и политичките и бизнис релациите, а делуваме и како НАТО сојузници. Хрватска веќе го изоде патот кој ние треба да го одиме и затоа добродојдени се нејзините искуства и практики, порача Гаши.

Соговорниците беа согласни дека Западен Балкан треба да биде дел од европското семејство, заедно со сите свои проблеми, кои таму ќе се решаваат. мч/аа/

фото: Собрание на РСМ

 

Остани поврзан