• недела, 09 март 2025

Тејтум ги засени Дончиќ и Леброн - заврши победничката серија на Лејкерс

Тејтум ги засени Дончиќ и Леброн - заврши победничката серија на Лејкерс

Бостон, 9 март 2025 (МИА) - Бостон Селтикс го совлада Лос Анџелес Лејкерс со 111:101 во НБА „класиката“ .

Тоа беше прв пораз за „езерџиите“ по осум последователни победи и дојде во дуел со актуелните шампиони во лигата, кои го „одбранија“ домашниот терен против „вечниот ривал“.

Џејсон Тејтум ги предводеше Селтикси со 40 поени, 12 скока и 8 асистенции.

Заедно со Тејтум најголем дел од офанзивните обврски ги презеде Џејлен Браун и со 31 поен значително придонесе да се скрши отпорот на гостите од Лос Анџелес. Тејтум и Браун заедно ги постигнаа последните 12 поени за домашниот тим и го спречија налетот на гостите во последната четвртина.

Лејкерси беа хендикепирани во најважната фаза од натпреварот, кога почнаа да ја намалуваат разликата - останаа без Леброн Џејмс, кој се повреди и мораше да го напушти теренот.

Лука Дончиќ можеше малку да направи без поддршката од неговиот најважен соиграч, иако одигра уште еден врвен меч и заврши со 34 поени. Ова беше прв меч на словенечкиот ас во Бостон по финалето од минатата сезона, кое го загуби од Далас.

Леброн Џејмс пред повредата постигна 22 поени (0/6 за три), додека Остин Ривс со четири тројки мечот го заврши со 16 поени.

Ал Хорфорд, пак, покрај Тејтум и Браун беше најважниот фактор во триумфот на Бостон со 14 поени, девет скока и четири асистенции. дс

Фото: Архива

Остани поврзан