• недела, 28 јули 2024

Тетовската библиотека „Кочо Рацин“ во 2023 година бележи 29.726 позајмени книги

Тетовската библиотека „Кочо Рацин“ во 2023 година бележи 29.726 позајмени книги

Тетово, 20 јануари 2024 (МИА) - Националната установа Библиотека „Кочо Рацин“ од Тетово бележи 29.726 позајмени книги од страна на членовите и 3.221 продолжувања на рокот на зајмување. Скоро 30-те илјади книги ги позајмиле 4.644 активни членови.

-Во изминатата 2023 година, бројот на активни читатели во Библиотеката изнесуваше 4.644, од кои 2.145 се активни членови од одделот за возрасни, а 2.499 се активни членови на одделот за деца. Од нив 1.037 се читатели кои за прв пат се запишале во библиотеката или повторно се запишале по подолг период на пауза. Годината ја завршивме со традиционалното прогласување на Најдобар читател-Читател за 2023 година. Наградени беа вкупно 20 членови и тоа 8 од одделот за деца и 12 од одделот за возрасни кои припаѓаат на различни категории односно средношколци, студенти, пензионери, вработени и невработени, информираше библиотекарката Елизабета Трпческа Петрушевска.

Во текот на 2023 година, библиотеката има реализирано повеќе проекти финансиски поддржани од страна на Министерството за култура, а дел од нив со реализирани и со две сесии. Проектот „Комплетирање на книжен фонд" овозможил набавка на многу нови наслови, лектири, книги за слободно читање, енциклопедии и стручни книги.

-Од купените книги до сега има обработено и можат да се зајмуваат 428 наслови, односно 1.312 книги. Но, сè уште имаме купени книги кои се во постапка на обработка и инвентарирање, така да точната бројка на купени нови книги ќе ја имаме до крајот на месецот. Исто така, обработени се вкупно 389 наслови, односно 429 книги, кои се добиени како подарок од нашите роднокрајни автори, донација од читатели или се добиени од Министерството за култура како дел од фондот чие издавање е финансиски поддржано од Министерството за култура, информираше библиотекарката Петрушевска.

Наградени читатели во одделот за возрасни се Сара Стефановска, Божица Пандиловска, Елсија Умери, Лидија Петровска, Ивона Неделкоска, Виолета Данајловска, Елма Зеќири, Семра Имери, Хатиџе Ејупи, Редон Абдији, Мирадије Ајети Заими и Зејнел Шабани. Од одделот за деца за најдобри читатели се прогласени осум читатели и тоа: Јона Мемиши, Ѓон Фејзулахи, Вероника Закоска, Матеј Младеноски, Марија Божиноска, Хана Решити, Ригон Тачи, Реа Тачи.ас/фф/

Фото: МИА

ас

Остани поврзан