• среда, 25 декември 2024

Темистоклеус: Засега општото население во Грција нема да се вакцинира со четврта доза  

Темистоклеус: Засега општото население во Грција нема да се вакцинира со четврта доза  
Атина, 16 февруари 2022 (МИА) – Врз основа на податоците што ги имаме во овој момент за Омикрон, општото население нема да се вакцинира со четврта доза, ако нешто понатаму се промени ќе видиме, но во овој момент нема да одиме на четврта доза, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција, надлежен за процесот на имунизација Мариос Темистоклеус за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина. Со оглед на тоа дека надлежната комисија на епидемиолози од Министерството за здравство денеска ќе одржи состанок за евентуално олабавување на дел од рестрикциите, Темистоклеус во интервјуто рече дека го следат притисокот врз здравствениот систем, а хоспитализациите иако со помало темпо, сепак се намалуваат и „логично е да има укинување на мерките, па макар и постепено“. -Се наоѓаме во фаза во која варијантата Омикрон помалку се пренесува . Имаме доста висок процент на имунизациска покриеност, се наоѓаме во просекот, можеби и малку над просекот, го надминавме просекот на Европската унија во однос на вакцинација со прва доза, па така имаме добра имунизацика покриеност. Време е, се надевам нема да имаме некоја друга мутација, да се вратиме во нормала, објасни Темистоклеус. За процесот на имунизација рече дека е вакцинирано 84 отсто од полнолетното население, речиси 75 проценти од општото, а 88 отсто примиле и бустер доза. Сепак, објасни дека од оние што се над 60-годишна возраст и за кои вакцинацијата од минатиот месец е веќе задолжителна, девет отсто, односно околу 300.000 граѓани и понатаму се невакцинирани. -Еден голем дел од овие 300.000 нема да успееме да ги вакцинираме и ова не е прашање поврзано со програмата за вакцинација и мерките, туку тоа се луѓе кои одлучиле да не се вакцинираат. Ова го гледаме и кај здравствените работници. Кај нив, постои една значајна бројка невакцинирани и иако над шест месеци се на принуден одмор, оваа бројка останува иста, рече Темистоклеус. Според него, процените се дека меѓу 270.000 и 310.000 граѓани сè уште не ја примиле третата доза, а веќе поминале седум месеци од вакцинацијата и нивните сертификати се невалидни, а овие лица се сметаат за невакцинирани. ср/

Остани поврзан