• среда, 25 декември 2024

Темелковски: УСС на УКИМ ги има истите барања за студентите, но прво ги исцрпуваме можностите по институционален пат

Темелковски: УСС на УКИМ ги има истите барања за студентите, но прво ги исцрпуваме можностите по институционален пат
Скопје, 15 ноември 2022 (МИА) – Се согласувам со барањата, и ние ги имаме истите, но различно пристапуваме. Како универзитетски собранија, прво гледаме да ги исцрпиме сите можности по институционален пат и, доколку не наидеме на соработка на тој начин, тогаш би активирале други механизми за остварување на нашите права, изјави за МИА Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ по повикот од „Студентски отпор“ за нов протест в четврток додека не се исполнат сите нивни барања, незадоволни од исходот на вчерашната средба во Собранието. „Студентски отпор“ – организаторот на вчерашниот протест пред Собрание, за задутре, на Меѓународниот ден на студентите, најави  нов протест за да се исполнат сите барања: да се зголеми износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, да се израмнат стипендиите со износот на највисоката, средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови” и стопирање на најавената приватизација на студентските домови и изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја. Темелковски, кој заедно со други претставници на студентите, беше вчера на средбата во Собрание  со пратеници и со министерот за образование и наука, вели дека универзитетските студентски собранија ги застапуваат барањата и интересите на студентите и постојано комуницираат меѓу себе. -Треба да се направи дистинкција помеѓу универзитетските собранија кои вчера ги застапува барањата, што беа поврзани со Законот за субвенциониран студентски оброк и организациите кои повикуваат на маршови и протести. Тие тоа го прават независно од студентските собранија и не би сакале да се мешаме. Доколку универзитетските собранија организираат студентски марш, тоа ќе го направат директно преку нивните канали на комуникација, рече Темелковски, а на прашањето дали ќе го поддржат протестот рече дека официјално ќе соопштат став во текот на денов. Соопшти дека во четврток, 17 ноември, во 13 часот, во Клуб на пратеници на средба се поканети директорите на студентските домови, претседателите на студентските домови и на сите универзитетски студентски собранија, пратеници, како и претставници на МОН односно министерот Јетон Шаќири. -Целта на таа средба ќе биде да почне да се изработува акциски план за подобрување на условите во студентските домови. За субвенционираниот оброк разговорите ќе продолжат само на работните групи, во четврток средбата е само за студентските домови, рече Темелковски. На средбата вчера во Собрание беше договорено до средината на идниот месец на студентите да им биде исплатена субвенцијата за студентскиот оброк ретроактивно за месеците за кои се доцни, односно половина септември, октомври и ноември и исплатата да продолжи тековно до март, по условите кои и досега важеа, односно 120 денари дневно. -До 15 март универзитетските собранија заедно со МОН ќе работат на новиот Закон за студентски оброк кој ќе биде системско и долгорочно решение кое не би требало да претрпува законски измени во наредните 10-20 години, рече претседателот на УСС на Скопски универзитет. хс/ац/

Остани поврзан