• понеделник, 23 декември 2024

„Ај девојче оди купи си нешто убаво, не те бива за политика“ - и во изборната кампања кандидатките се соочуваат со говор на омраза, сексистички коментари и навреди

„Ај девојче оди купи си нешто убаво, не те бива за политика“ - и во изборната кампања кандидатките се соочуваат со говор на омраза, сексистички коментари и навреди

Скопје, 21 април 2024 (МИА) – „Каде без мене министерке у Европа ќе одите?“, „Секси зајачица“, „Лепотица“, „Каков осмех има као да е глумица со искрени намери“,„Убавица (лавица) македонска“, „Ај девојче оди купи си нешто убаво, не те бива за политика“, „Смрдла, од сите страни реа излегува“, „Права гуска, марионета“, „Не верувам дека со оваа кандидатка и со оваа политика ќе победите“... Ова се само дел од коментарите оставени под постови на Фејсбук на само неколку од кандидатките за пратенички на овие избори. По коментарите може да се забележи дека се напишани најчесто за млади политичарки, чии што профили ги анализиравме а се оставени и од мажи и од жени.

Вербалното или „пишано“ насилство врз жените во политиката не запира, иако врз основа на одредени податоци тоа се намалува, но тоа никогаш не може да се истражи докрај бидејќи во анализите не се вклучени приватните профили на политичарките. Oна што го забележавме во истражувањето кај некои од нив е тоа што на социјалните мрежи е исклучена можноста за оставање коментар под објавите. Дел дури и признаа дека или тие самите или некој овластен од нив ги брише наредливите, заканувачки и сексистички пораки оставени деновиве од почетокот на кампањата под нивните постови. Најтешко е, велат тие, кога тоа ќе го прочитаат членовите на нивните семејства. 

На двојните избори за претседател и за пратеници во Северна Македонија учествуваат две жени за претседател на земјата и 753 кандидатки за пратенички. Наспроти нив, според статистиката на Државната изборна комисија, се петмина кандидати за претседател, и 1002 мажи кандидати за пратеници.

Досегашниот тек на кампањата се оценува како демократски со неколку исклучоци, а меѓу нив се и случаи на искажани недолични коментари и говор на омраза кон некои од кандидатките, но и кандидатите на изборите.

Најсвеж пример којшто беше осуден од многу страни е кога за кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова на јавен настан беше кажано дека „Од баба невеста не бива“.  

Од она што го видовме, една од пратеничките во коментари добива и понуда за донација, но оваа порака делува како дел хакерски напад или вирус.

Од јануари до почетокот на април годинава, според податоците на Националниот демократски институт (НДИ) идентификувани се 3.380 коментари на говор на омраза во написи или објави на Фејсбук каде се споменуваат политичарки. Од оваа бројка 71 отсто односно 2388 се кон само пет политичарки. Коментарите вклучуваат сексизам, повици за насилство (смртни закани) и друго вознемирување за физичкиот изглед, религијата или етничката припадност. 

Пеколно е тешко да се биде жена политичар, најтешки се солзите на децата 

Пратенички и актуелни кандидатки за пратенички неодамна на промоцијата на кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политика“ на НДИ го споделија своето искуство со говорот на омраза, навредите, заканите, сексистичките коментари, па дури и закани за нив и за членови на нивните семејства.  

Арбана Пашоли од ДУИ, која по професија е психолог, вели дека пред да стане пратеничка немала „непријатели“, но, вели таа, ако направиш една листа за тоа што се подразбира под „непријател“, тоа значи дека тоа се луѓе кои го потценуваат твојот труд, мислат дека не правиш доволно, дека служиш како реклама. Тоа, потенцира таа, е еден вид психолошко насилство што се прави особено врз жените што се дел од јавниот живот и што се бават со политика.

-На некој начин разбирливо е бидејќи луѓето ќе те гледаат без да те слушаат, меѓутоа од друга страна не е прифатливо бидејќи мора да сфатиме и општо треба да зборуваме повеќе за тоа дека секоја жена која одлучува да се бави особено со политика во земја како нашата има голема храброст и позади неа навистина има поддршка и од семејството и од пријателите, од луѓе што веруваат во неа, рече Пашоли.

Најтешко, потенцира таа, е да се докаже психолошкото насилство. - Кога и да кажеш дека нешто не е така, ќе ти кажат дека тоа е политика. За мене тоа не е прифатлив одговор, посочува пратеничката од ДУИ која е кандидат за нов мандат.

Поддршката, додава, за нас треба да доаѓа од секаде бидејќи ние сме мајки, сопруги, ќерки, другарки, соработнички...На тоа ниво ние не можеме, посочува Пашоли, да се поделиме - ние сме политичарката и тоа е се, туку ние сме се одеднаш.

Пратеничката Снежана Калевска Ванчева од СДСМ сподели различни навредливи, дури и заканувачки пораки што ги добивала низ годиниве, вклучувајќи го и периодот кога се менуваше името на државата. Според неа, ѓаволски е тешко да се биде жена во политика и кога си млада и кога си повозрасна и тоа е идентично.

 

Секогаш кога имало успех било благодарение на заедништвото на жените од различни политички партии и невладиниот сектор, вели таа.

-Но, за жал, некогаш и ние се забораваме па потклекнуваме на високите машки политики и ја наведуваме главата. Дајте ве молам да не ја наведнуваме главата. Од нас зависи, рече Калевска Ванчева.

Крајно време е, вели таа, да се смени нашата образовна политика дотолку повеќе што повеќе од популацијата во државата се жени.

Жаклина Пешевска, пратеничка и кандидатка за уште еден мандат која доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ го сподели своето искуство и кога не работела во политика, но исто така и како пратеничка, а особено трауматско и било искуството кога говорот на омраза и заканите се однесувале и кон членови на нејзиното семејството.

Говорот на омраза предизвикува не само страв и несигурност, и за жал, потенцираа таа, не се свесни тие што го пишуваат дека може да предизвикаат друг вид насилство кое може да премине во крајна линија, до повик на линч за одреден човек или жена.

–Последиците од овие случувања се долготрајни и иако се поминати шест години од овој настан, сепак се наоѓа некое другарче на моите деца да им каже дека мајка им била во затвор, а јас сепак бев во домашен притвор. Проблемот е што детето ви доаѓа дома уплакано и вознемирено, и како родител ти се вознемируваш, вели Пешевска.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ рече дека е најважна солидарноста меѓу жените политичарки, без разлика на која партија и припаѓаат.

-Кога би биле сплотени како во најтешките моменти кога немаше можност за дијалог помеѓу политичките партии во Македонија, први кои седнавме во Собранието бевме жените од Клубот на пратенички. Средби кои беа нималку лесни, беа со многу солзи, со многу гнев, но важно е што седнавме и така го трасиравме патот, потенцира Пешевска.

Достоинството, ќе го сочуваме, вели пратеничката кога ќе научиме како жени да кажеме „не“. 

Повеќе од 230.000 луѓе ја виделе кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политика“ преку Фејсбук и Инстаграм  

Националниот демократски институт (НДИ) во земјава ја започна оваа кампања која ќе трае за време на изборната кампања и е со поддршка на Шведска. Целите на оваа кампања се овозможување политичка средина каде жените имаат еднакви можности во политиката, подигнување на свеста кај вклучени страни, едукација за механизмите за пријавување за инциденти со насилство и поттикнување колективна акција против насилството.

Од почетокот на кампањата како што посочуваат од НДИ во споредба со кампањата за Локалните избори 2021 година, забележително е намален говорот на омраза и навредите кои се одговор на содржините на кампањата како коментар. 

- Тоа не значи дека нема. Тековното истражување ни покажува дека над 15% од вкупниот говор на омраза случен од почетокот на кампањата е упатен кон жени, информираат за МИА од НДИ. 

Оваа бројка, наведуваат оттаму, не е конечна имајќи предвид дека приватните профили не се предмет на ова истражување заради политиката за приватност, а и до сега имаме повеќе мажи кандидати од жени, барем за претседателските избори.  

Исто така, она што го имаме забележано е дека на социјалните медиуми, кога се објавува слика, објава која е или говор на омраза, омаловажување или навреда, за време на овие избори има многу повеќе коментари со осуда на говорот на омраза, омаловажувањето или навредата, отколку дополнителни навреди, посочуваат од НДИ.

Претседателските избори се во среда на 24 април, додека парламентарните на 8 мај. Во полн ек се двете кампањи. 

Во својот говор на промоцијата кампањата првиот човек на НДИ во Скопје Роберт Скот Хејзел нагласи дека 2024 година се нарекува „Година на изборите“ бидејќи 49 отсто од светското население ќе треба да гласа, вклучително и во 27-те земји-членки на ЕУ и во Северна Македонија.

-Еднаквото учество и ангажман на жените во изборите се од суштинско значење. Изборите не се само за избор на лидери, тие се за одредување политики и приоритети кои директно влијаат на нашите животи, права и можности, рече Хејзел. 

Елизабета Велјановска Најдеска 

Видео: Аслан Вишко 

Фото :МИА/НДИ Фејсбук 

 

Остани поврзан