• среда, 20 ноември 2024

„Твоја приказна, наша поддршка“ - кампања на „Младите можат“ за менталното здравје кај средношколците

„Твоја приказна, наша поддршка“ - кампања на „Младите можат“ за менталното здравје кај средношколците

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) -  Граѓанската организација „Младите можат“ ја почна кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“, чија основна цел е зголемување на свесноста и информираноста за важноста на менталното здравје кај младите на возраст од 14 до 18 години. Кампањата ќе се спроведе во средните училишта во државата и ќе опфати низа едукативни активности насочени кон учениците, но и кон наставниот кадар и стручните служби.  

-Менталното здравје на средношколците не смее да биде табу тема и како заедница мора да ги поттикнеме младите отворено да говорат за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат во своето секојдневие. Целта е да понудиме конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат учениците, но и да им порачаме дека треба отворено да зборуваат за стресот, анксиозноста, меѓуврсничкото насилство, градењето доверба. Исто така, важно нѝ е да помогнеме средните училишта да прераснат во инклузивни средини кои се подготвени во секој момент да им понудат поддршка на учениците во насока на поттикнување грижа за себе, своето ментално здравје и благосостојба, вели Филип Ивковски, програмски координатор во „Младите можат“.

Кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ ќе се фокусира на визијата на средношколците за својата училишна средина и атмосфера односно како треба да изгледа едно училиште кое се грижи за менталното здравје и благосостојба на учениците. Крајната цел е да се поттикат надлежните институции да инкоприраат образование за ментално здравје во рамки на училишните програми, со што ќе се направи важен и позитивен исчекор во однос на ова прашање.

Како што информираат од „Младите можат“ во рамки на кампањата ќе биде објавен и повик за средните училишта коишто се заинтересирани да бидат дел од процесот на трансфомирање, чија крајна цел е да воведат практики за грижа за менталното здравје на своите ученици.

Оваа иницијатива е дел од континуираната посветеност на „Младите можат“ за подобрување на условите за младите и создавање позитивна и поддржувачка образовна средина. Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Практикувај демократија“ на Фондацијата за демократија на Вестминстер, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. сст/бак/

фото „Младите можат“

Остани поврзан