• понеделник, 23 декември 2024

Тасевски: Интензивирањето на соработката меѓу секторите на јавната и приватната безбедност е важно за БЈБ и МВР

Тасевски: Интензивирањето на соработката меѓу секторите на јавната и приватната безбедност е важно за БЈБ и МВР
Скопје, 22 септември 2022 (МИА) - Директорот на Биро за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, денеска се обрати на научно-стручна дебата на тема „Јавната и приватна безбедност – преку координација и соработка до заедничка превенција на безбедносните ризици и закани” во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот Факултет во Скопје. Дебатата, соопштија од МВР,  претставуваше и промоцијата на книгата „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка”, која е резултат на истражувачката студија „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка”, и содржи резултати од истражувачкиот проект што го поддржа Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување. Проектот е реализирн од тим од Филозофскиот факултет во Скопје во состав: проф. д-р Оливер Бакрески, проф. д-р Марјан Ѓуровски и м-р Лета Барџиева Миовска, воедно и автори на книгата, а голема важност, стои во соопштението, има и ангажманот на МВР односно на директорот на БЈБ, м-р Сашо Тасевски, особено при спроведувањето на истражувањето во МВР. Пред во обраќањето Тасевски се осврнал на појавата на приватната безбедност како потреба за заштита на приватната сопственост, а низ светските искуства, се повеќе добива во надлежност и во сложени безбедносни задачи, особено во делот на безбедноста на приватните правни субјекти и компании. Тој потенцирал дека Министерството за внатрешни работи е свесно дека остварувањето на соработка меѓу приватното обезбедување и јавната безбедност е сложен и комплексен процес, што најдобро се ефектуира кога постои формализиран начин на комуникација на заинтересираните страни, преку континуирана размена на информации и мислења. - Она што е суштествено битно за полицијата, по однос на приватното обезбедување, неговата улога и позиција, покрај принципите на: соодветната селекција на вработените, компетентност, моралниот и етички интегритет, но и техничката опременост на приватно обезбедување, се и решенија што директно ќе водат кон продлабочување на соработката, нејзина поголема функционалност и ефикасност, истакнал директорот Тасевски. Во таа насока, нагласил тој, за Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност, од несомнена важност е интензивирањето на соработката и комуникацијата помеѓу двата сектори (јавната безбедност и приватната безбедност), и секако определувањето на јасни протоколи за соработка преку кои ќе се манифестира заедничко и усогласено дејствување на јавниот и приватниот сектор. - Потоа, проактивен пристап во спречувањето на вршење на кривични дела, особено кога станува збор за заштита на имотот и безбедноста на компаниите, односно намалување на безбедносните ризици, закани и загрозувања преку примена на законски пропишаните овластувања за физичко и техничко обезбедување, како и континуирана двонасочна едукација заради јасно и доследно запазување на принципите на легалитет и легитимитет, во делувањето и постапувањето, нагласил директорот Тасевски. Меѓу другото истакнал дека студијата се фокусира на кохабитација меѓу двата безбедносни сегменти, на подигнувањето на нивото на функционалност, и контрибуција меѓу јавниот и приватниот сектор со што ќе се даде заеднички придонес во градењето одговори против заканите што оставаат силни импликации врз безбедноста и загрозувањето на луѓето и нивниот имот. - Предизвикот уште повеќе е за почитување поради самиот факт што соработката и координацијата меѓу јавното и приватното обезбедување е комплексна и тешка задача, и дека координацијата и соработката се одликуваат со голема специфичност и сложеност. Секако дека тоа не е ниту лесно, ниту едноставно, но како што впрочем потенцираат и самите автори почитуваните професори Бакрески, Ѓуровски и м-р Барџиева Миовска сето ова бара целосна вклученост на сите заинтересирани фактори во тој процес на партнерство – и ние како полиција и приватното обезбедување од своја страна бидејќи знаењето и искуство се од непроценливо значење за да се обезбеди соодветно дејствување независно на условите и потребите”, навел во обраќањето директорот Тасевски. цр/са/

Остани поврзан