Таравари: Прилепската болница доби софистицирани апарати од 20 милиони денари за прецизни хируршки зафати
- Директорот на прилепската болница, Кире Јоноски нагласи дека апаратите ќе значат повисоко ниво на здравствена услуга за пациентите да не одат да ја бараат во другите болници.

Прилеп, 20 февруари 2025 (МИА) - Два софистицирани апарати во вредност од 20 милиони денари за операции на уролошкото и на ортопедското одделение, доби прилепската Општа болница со проширена надлежност. Опремата од Министерството за здравство ја промовираше министерот Арбен Таравари.
- Станува збор за артроскоп со што, освен колено што досега се оперирало, сега ќе може да се оперираат рамо, скочен зглоб на ортопедското одделение. А за уролошкото одделение е набавен лапараскоп, но и за ендоурологија, па хируршките зафати ќе се изведуваат софистицирано и прецизно, изјави Таравари.
Директорот на прилепската болница, Кире Јоноски нагласи дека апаратите ќе значат повисоко ниво на здравствена услуга за пациентите да не одат да ја бараат во другите болници.
- Апаратите се од врвни светски брендови, што овозможуваат да работиме на повисоко ниво. Двата апарати се со 4К резолуција, овозможуваат многу подобра слика на органите на кои е зафатот и тоа не му дава грешка на лекарот во интервенцијата што многу ќе биде олеснета. Се надевам дека пациентите нема да одат во други градови, туку ќе ги третираме во нашата болница, рече Јоноски.
Според планот за јавни набавки, планирана е опрема за повеќе одделенија.
- Очекуваме нов дигитален рентген-апарат, нов столб за анестезија, апарати за ЕЕГ и ЕМГ, ќе има нова опрема на очното одделение, промена на светлата во хируршките сали, додаде Јоноски.
На речиси сите одделенија ќе се вратат докторите од специјализација, што ќе овозможи поголема екипираност на специјалистите, а наскоро ќе се примат и деветмина приватни специјализанти.
Министерот го поздрави враќањето на абдоменалниот хирург Златко Јаков, кој од Германија почнува да работи во прилепската болница. Јаков рече дека имаме знаење, потребна е организација и сака да се вложи во здравствената услуга во својата земја. Таравари најави дека ќе биде и официјално вработен.
- Во Германија бев 11 години и планот ми беше да се вратам. Досега помагам на хируршкото одделение, помагам и чекам официјално да се вработам. Задоволство е да се работи за својот народ, да се помогне. Имаме знаење, покажавме дека тоа се цени во странство. Ни треба поголема организација и позитивна енергија и да го работиме тоа што го знаеме, рече Јаков.
Според министерот, во нашата држава има четворица специјалисти кои се вратија да работат дома. ем/бд/
Фото: МИА