• понеделник, 23 декември 2024

Таравари: Не знам за недоразбирањата на Косово и САД, нашите релации со сите амбасади се фантастични

Таравари: Не знам за недоразбирањата на Косово и САД, нашите релации со сите амбасади се фантастични

Скопје, 18 март 2024 (МИА) – Претседателот на Алијанса за Албанците, кандидат за претседател на албанската опозиција, Арбен Таравари, денеска изјави дека недоразбирањата на косовскиот премиер, Албин Курти со Вашингтон нема да влијаат на нивните односи со САД.

На новинарско прашање во врска со изјавата на високиот американски дипломат, Габриел Ескобар, кој изрази разочарување од владата на Курти во Косово и рече дека во Европа се многу разочарани, односно како тоа разочарување ќе влијае врз албанската опозиција, Таравари одговори дека нивните релации со сите амбасади се, како што рече, „фантастични“.

- Ние имаме фантастични релации со сите амбасади на сите држави што се во Македонија. Ќе продолжиме такви да ни бидат релациите. Тоа што се недоразбирања во Косово, јас не знам. Меѓутоа, господинот Курти има огромно влијание во Македонија, тој е прототип на еден политичар, искрен и некорумпиран, ако постои таков во Западен Балкан, мислам дека Курти е најдобар пример за тоа, рече Таравари.

Во однос на прашањето за обвинувањата дека албанската опозиција е под руско влијание, Таравари одговори дека наводите се нелогични.

- Ако има некој што има блискост со Србија, конкретно до албанските партии, мислам дека ДУИ е најблиску од сите. Ниедна друга албанска партија не верувам дека има некаква конекција со Србија. Така што, овие наводи се небазирани и нелогични, рече Таравари.

Таравари смета дека, како што рече, „ДУИ изгледаат доста нервозни и анксиозни“ и дополни дека смета дека ќе ги изгубат изборите првпат после 2002 година.

На денешната прес-конференција, Таравари најави дека ќе организира трибина на тема превенција од иселување во сабота во 12 часот во Општина Тетово на која ги покани сите претседателски кандидати. ар/лв/
Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан