Танкер со хемикалии тоне покрај брегот на Шри Ланка, може да предизвика еколошка катастрофа
- Танкер полн со хемикалии тоне покрај брегот на Шри Ланка и се стравува дека несреќата може да се претвори во еколошка катастрофа, пренесува Би-Би-Си.

Лондон, 3 јуни 2021 (МИА) - Танкер полн со хемикалии тоне покрај брегот на Шри Ланка и се стравува дека несреќата може да се претвори во еколошка катастрофа, пренесува Би-Би-Си.
Танкерот „Х-Прес Перл“, регистриран во Сингапур, гореше скоро две недели пред да се изгасне пожарот оваа недела.
Доколку бродот потоне, стотици тони гориво може да се излеат во морето и да го уништат морскиот живот таму.

Министерството за риболов на Шри Ланка соопшти дека стапиле во сила итни мерки за заштита на лагуната Негомба и околните области.
Властите на Шри Ланка веруваат дека пожарот бил предизвикан од истекување на азотна киселина за која екипажот знаел од 11 мај. Бродот превезувал 25 тони многу корозивна киселина, што вообичаено се користи во производството на ѓубрива и експлозиви.
„X-Прес Шипинг“, компанија со седиште во Сингапур, која е сопственик на бродот, потврди дека екипажот бил свесен за истекувањето, но дека Катар и Индија одбиле дозвола да влезат во нивните води.
Властите поднесоа полициска пријава против капетанот на бродот кој беше спасен минатата недела заедно со другите членови на екипажот.
Полицијата во Шри Ланка наводно ги испрашувала капетанот и инженерот над 14 часа. паг/