• сабота, 23 ноември 2024

Талат Џафери добитник на највисокото признание од Синдикатот на вработените на УКИМ

Талат Џафери добитник на највисокото признание од Синдикатот на вработените на УКИМ

Скопје, 3 март 2023 (МИА) - Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска на претседателот на Собранието, Талат Џафери му додели Плакета за особени заслуги и придонес во достигнувањата на Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ, кое највисоко признание што го доделува Синдикатот.

Како што информираат од собраниската Прес-служба, претставниците на Синдикатот, претседателот проф. д-р Ангел Ристов и проф. д-р Марјан Јованов и м-р Илија Манасиев, му се заблагодарија на Џафери за визионерството и одлучниот чекор што го презеде со потпишување на Колективниот договор со Синдикатот на УКИМ, со кој се регулираат платите на наставниот и ненаставиот кадар на Универзитетот.

- Ретки се државниците кои ја разбираат и поддржуваат науката, Вашето разбирање на значењето на науката значи инвестиција во младите, иднината и напредокот, а во исто време значи превенција од ерозија на државата. Потпишувањето на Колективниот договор со УКИМ од страна на претседателот на Собранието остава трага во историјата и ќе значи поттик, признание и двигател за науката, согласно заложбите и посветеноста на вработените, подвлече Ристов.

Џафери нагласи дека потпишувањето на Колективниот договор е законска обврска на Собранието, но таа обврска не е автоматска или следствена и упати порака до универзитетите да ги извршат подготовките, да ги презентираат своите ставови и да укажат на потребите од вакви колективи договори.

Соговорниците на средбата се согласија дека процесот што траеше околу три години се финализираше на успешен начин како резултат на поставеноста на законодавната власт во државата и одговорноста на основачот на Универзитетот. дма/сп/

Фото: Собрание 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан