• сабота, 21 декември 2024

Сунак: Хутите мора да престанат со „незаконските и неприфатливи напади“

Сунак: Хутите мора да престанат со „незаконските и неприфатливи напади“

Лондон, 23 јануари 2024 (МИА) – Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека Велика Британија нема да се двоуми да изврши дополнителни воздушни напади против бунтовниците Хути, поддржани од Иран, доколку продолжат нападите врз бродовите.

Авионите на кралските воздухопловни сили (РАФ) синоќа учествуваа во вториот бран на заедничка акција на САД и Велика Британија против бунтовниците со седиште во Јемен, откако продолжија нападите врз бродовите во Црвеното Море и Аденскиот Залив.

- Ние не бараме конфронтација. Ги повикуваме Хутите и оние кои ги поддржуваат да ги запрат овие незаконски и неприфатливи напади, рече британскиот премиер пред пратениците.

- Но, доколку е потребно, Обединетото Кралство нема да се двоуми повторно да одговори во самоодбрана. Не можеме да стоиме настрана и да дозволиме овие напади да поминат без одговор. Недејствувањето исто така е избор, рече Сунак.

Во најновата акција беа вклучени четири „Тајфуни“ на РАФ и два танкери Војаџер.

Неколку цели беа погодени на две воени локации северно од главниот град на Јемен, Сана.

Сунак рече дека нападите биле насочени кон локации кои Хутите ги користат за поддршка на нападите врз бродовите и „сите утврдени цели биле уништени“.

Во резимето на правната позиција на владата се вели дека на Велика Британија и е дозволено според меѓународното право да употреби сила „во такви околности каде што дејствувањето во самоодбрана е единственото изводливо средство за справување со вистински или неизбежен вооружен напад“.

Хутите ги таргетираа бродовите за кои тврдат дека се поврзани со Израел во контекст на конфликтот со Хамас.

Но, Велика Британија и сојузниците предупредија дека нападите се неселективни и вклучуваат таргетирање на Кралската морнарица и сојузничките воени бродови. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан