• понеделник, 26 август 2024

Судски совет: Заеднички извештај од работните посети за предметот „Трансмет“ во рок од 15 дена

Судски совет: Заеднички извештај од работните посети за предметот „Трансмет“ во рок од 15 дена

Скопје, 30 август 2023 (МИА) - Судскиот совет на Република Северна Македонија, на денешната 452 седница ги повлече од разгледување поединечните извештаи од работните посети за предметот „Трансмет“ на Врховен суд,  Апелационен суд Скопје, Основен граѓански суд Скопје и Основен кривичен суд Скопје и ги задолжи координаторите на четирите судови во рок од 15 дена да изработат еден заеднички извештај што потоа ќе биде разгледан на седница.  

Претседателот на Судски совет Сашко Георгиев, рече дека со оглед дека станува збор за ист предмет којшто се движи процесно од првостепен, второстепен, па и третостепен суд, треба да биде во еден единствен заклучок.

-   Од тие причини.  Како координатори на тие судови, во тој период биле Весна Дамева на Кривичен суд, колегата Ханиф Зендели на Врховен суд, колешката Лорета Ѓоргиева на Граѓанскиот суд и Тања Чачарова Илиевска на Апелациониот суд Скопје ве задолжувам, да биде изготвен еден единствен извештај во рок од 15 дена, изјави Георгиев. 

Заменик претседателот на Судскиот совет, судијата Ханиф Зендели, посочи дека и во заклучокот стои дека треба да се донесе заеднички извештај. 

-  Бидејќи тука гледам дека имаме поединечни, барам откако ќе се направи заеднички извештај истиот тогаш да биде претставен, а сега да се повлечат или да се одложи за кратко време додека сите координатори на судовите донесеме заеднички извештај, изјави Зендели. 

Како координатор на работната група, Зендели, посочи дека сите координатори сериозно постапувале и дека во заедничкиот извештај, не за 15 дена, туку во најкраток  можен рок, да се излезе со констатации и заклучоци. 

Членот на судскиот совет Весна Дамева, рече дека се согласува дека треба да се повлечат, но бидејќи се работи за сензитивен случај во врска со правното лице „Трансмет“ за кој е заинтересирана јавноста и тие како членови на Судски совет носат одговорност за неажурно постапување, смета дека треба да даде кратко објаснување зошто не е изготвен единствен извештај и по истек на 16 месеци што е, како што рече, за жал, против нас како работна група, односно на штета на Судскиот совет.

-  Ве молам да донесеме заклучок, со рокови, па секој од нас од работната група да биде свесен дека тој рок мора да го почитуваме и да не го игнорираме како што го игнориравме заклучокот 16 месеци. Затоа предлагам да се повлече, но да не останеме и ние и јавноста во заблуда зошто извештајот не е изготвен. Ве молам советот за еден разумен рок во кој ќе се направи единствен извештај со заклучоци, бидејќи целта е таа, да се констатира каде е пропустот и зошто не е конфискуван имотот и слично, изјави Дамева.

Сите координатори на четирите судови, појасни Дамева, кои биле задолжени да ја испитаат состојбата и да достават единствен извештај тоа го направиле, освен извештај од Основниот граѓански суд Скопје за кој координатор е членот Лорета Ѓоргиева. 

-  За ова неколку пати усно укажував на членот, но немав разбирање. Укажував и на последниците, бидејќи сме врзани и за рокови за постапување и се плашев дека дел од тие рокови ќе истечат и ќе сносиме и ние одговорност, бидејќи не може да се криеме зад останатите членови или цел Судски совет. Затоа, кажав дека за жал одредено постапување на одредени членови е на штета на целиот судски совет, изјави Дамева. аа/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан