• сабота, 23 ноември 2024

Судскиот совет ја поздравува идејата за оценска мисија на нејзината работа

Судскиот совет ја поздравува идејата за оценска мисија на нејзината работа

Скопје, 6 јули 2023 (МИА) - Судскиот совет на Република Северна Македонија денеска соопшти дека ја поздравува и ја прифаќа идејата на амбасадорот на Европската Унија во РС Македонија, Дејвид Гир во која најавува дека веќе и е предложено на Владата да се испрати оценска мисија за работата на ова тело.

Како што се наведува во соопштението, Судскиот совет високо ги цени напорите на ЕУ, но и личниот ангажман на амбасадорот во изнаоѓање на конкретни решенија, кои треба да доведат до тоа оваа институција да може докрај да ги оствари своите законски надлежности, но и уставната мисија која е во функција на штитење и промовирање на независноста, професионалноста и интегритетот на судството и на судиите. 

-Членовите изразуваат целосна подготвеност за отворена и транспарентна соработка со надворешни и домашни непристрасни и објективни експерти, бидејќи сметаат дека само на тој начин ќе се добие многу пореална и вистинска слика за функционирањето  и начинот на одлучување во Судскиот совет, стои во соопштението. 

Во соопштението се наведува дека Судскиот совет деновиве е изложен на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања, како и притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки. 

-Од Судскиот совет изразуваат голема загриженост од фактот што во изминативе недели, ова тело е изложено на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања, како и  притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки, со намера комплетно да се дезавуира кредибилитетот на членовите, но и угледот на институцијата во целина. Потсетуваме дека Судскиот совет е значајна и неопходна алка во правосудниот систем, како и важен сегмент на реформскиот пат на Република Македонија во евроинтегративните  процеси, се наведува во соопштението.

Членовите, како што се додава, „се свесни за лошата перцепција што е креирана во јавноста во изминатите месеци, но одбива да прифати дека работи нелегитимно и се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси“.

-И покрај тоа што сите седници на Судскиот совет се јавни, остануваме разочарани што јавноста и граѓаните веќе подолг период остануваат покуси и неинформирани за голем број активности што ги спроведува во моментов Советот, а кои опфаќаат интензивна  работа околу редовната оценка на судиите, избор на нови судии од редот на академците, како и  на претседатели на судови, посети, извештаи, постапки за утврдување на одговорност на судии, се наведува во соопштението.   

Судскиот совет, се посочува на крајот од соопштението, уште еднаш потврдува дека останува докрај подготвен за соработка со амбасадорот Дејвид Гир, за да може отворено да се разговара за сите прашања и предизвици што стојат пред судството и државата во иднина. ев/мд/

 

Остани поврзан