• недела, 25 август 2024

Судот во Кавадарци доби најсовремена дигитална опрема

Судот во Кавадарци доби најсовремена дигитална опрема
Кавадарци, 2 март 2022 (МИА) - Мисијата на ОБСЕ за пет пилот судници во државата обезбеди најсовремена дигитална опрема за аудио визуелно снимање на судски предмети, нивно репродуцирање и воспоставување на двонасочна комуникација онлајн или хибридно судење. Ова беше соопштено на денешниот промотивен настан во кавадаречкиот суд „Отпочнување на процесот на инсталирање ИКТ опрема во пет основни судови како дел од Оперативниот план за дигитализација на правосудството‘‘.
-Денес и периодот којшто следува ќе бидеме сведоци на резултатите од процесот на којшто макотрпно се работеше и сè уште се работи, којшто Владата го имаше поставено како приоритет во реформата на правосудството, а тоа е дигитализацијата, рече министерот за правда Никола Тупанчески.
Тој изрази задоволство од тоа што, како што нагласи, македонското судство прави голем чекор напред и влегува во една нова фаза на своето функционирање. Министерството за правда и Владата, нагласи тој, успеале навреме да  ја препознаат насоката на промените и да го фатат бранот со европската агенда за дигитализација.
-За таа цел Владата го донесе оперативниот план, кој всушност произлегува од активностите на агендата на Европската комисија „Зелена дигитална транзиција“, потсети министерот.
Тој рече дека  Министерството за правда изминатиот период работело во две насоки, на законодавната рамка (е-пошта и е-достава) и на процесот на дигитализација.
-Ова значи опремување на повеќе од 180 судници низ 34 суда во целата држава, опремување судница во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители, како и затворот „Идризово“, која е во завршна фаза на ентериерно уредување.
Покрај судниците во Основниот суд Кавадарци опремени се и останатите пилот основни судови во Струмица, Штип и скопскиот Кривичен и Граѓански суд, постепено согласно динамиката на судовите, на начин да не се попречи работата, појасни Тупанчески. Тој рече дека овој сложен и обемен процес кај нас се прави со директна помош од САД, ОБСЕ и Норвешката Влада.
-Наша цел е побрзо, подобро и посовремено судство, а тоа значи дигитализација на постапките во судството, воведување на електронска комуникација помеѓу судовите и другите правосудни институции, како и дигитализација на услугите кон граѓаните. За таа цел, ИКТ Советот во континуитет ги реализира своите активности предвидени во оперативниот план. Успешно веќе функционираат дигиталните услуги за издавање уверенија и потврди од прекршочната и кривичната евидинција, а веќе следната недела ќе се потпишат, меѓуинституционално, договори за овозможување електронска размена на податоци и документи и тоа помеѓу клучните државни институции меѓу кои Министерство за внатрешни работи, Државната комисија за спречување корупција, Државната изборна комисија, Централниот регистар, Финансова полиција, рече министерот.
Тој смета дека воспоставувањето електронска комуникација меѓу судовите и другите учесници во судските постапки значително ќе ја забрза работата на судовите, ќе придонесе за заштеда на трошоците, ќе обезбеди уредна и брза достава на судските документи, ќе ја олесни работата на судските службеници, да се направи судската работа потранспарентна, да се елиминира хартијата и да се овозможи комплетно електронско судско досие и електронска судска архива.
-Сакам  да се заблагодарам на нашите меѓународни партнери, САД, ОБСЕ и Норвешката Владата, за поддршката во спроведувањето на овој сложен и обемен процес, како и на членовите на ИКТ Советот за напорите кои ги давате за побрзо ефектуирање на целокупниот процес на дигитализација, како и на Здружението за кривично право и криминологија за организација на настанот. Јас останувам доследен во остварување на целите што ги имам поставено за придвижување кон уште поефикасно и целосно непристрасно и независно судство, со цел да се сменат перцепциите и да се зголеми кај граѓаните довербата во системот. Затоа е важно да дејствуваме хармонично, почитувајќи ги улогите на сите актери во процесот, во рамките на законските и уставните овластувања, за судството да биде поефикасно, а граѓаните да бидат позадоволни, рече меѓу другото, министерот.
Задоволство изрази и шефот на Мисијата на ОБСЕ во земјава, амбасадорот Клеменс Која.
-Чест ми е што сум во Основниот суд во Кавадарци, од каде го правиме првиот опиплив чекор во нашите заеднички напори да изградиме модерно, транспарентно и лесно достапно судство. Во февруари 2021 година, ја претставивме проценката за користењето на напредните електронски алатки во судството, развиена заедно помеѓу Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Здружението за кривично право и криминологија. Со тоа се означи почетокот на едно ново поглавје во работата на домашните судови – дигитална модернизација на судскиот систем. Пандемијата придонесе овој процес уште повеќе да забрза, рече Која.
Тој нагласи дека изминативе две години биле направени значајни чекори. Меѓу нив и донесувањето на владиниот оперативен план за дигитализација на правосудството, воспоставувањето на Советот за ИКТ координација во правосудните органи, електронското поврзување на судовите и обвинителствата со други институции како дел од процесот на интероперабилност и дигитализацијата на одредени судски постапки.
Мисијата, рече тој, како долгогодишен и близок партнер на правосудството во Северна Македонија, обезбедува поддршка за овие напори на повеќе нивоа.
- Ги помагаме измените на Законот за кривичната постапка во кој се содржат нови одредби со кои се дефинира рамката за користење на дигиталната технологија во правосудството. Ја поддржавме и Академијата за судии и јавни обвинители во изработката на посебен софтвер за оптичко препознавање со кој се скенираат, читаат и оценуваат тестовите. Понатаму, овозможивме набавка на ИКТ опрема потребна за аудио снимање на судски рочишта и – штом се создадат потребните законски предуслови – за воведување на судење од далечина, рече Која.
Покрај зајакнување јавната доверба во правосудството, според него, технологијата може да помогне и во заштитата на основните права.
 -Ова мора да остане во главниот фокус на процесот на дигитализација во правосудството, со нагласување на гаранциите за правото на јавно и правично судење во разумен рок, како и со почитување на пресумпцијата на невиност и заштитата на приватноста. Би го подвлекол интердисциплинарниот напор да се приспособат дигиталните решенија кон неопходните предуслови за правичност на постапките и за почитување на правата на учесниците во нив, нагласи амбасадорот.
Тој рече дека предизвиците кои одат рака под рака со овој процес, треба да послужат како охрабрување за националните власти и за креаторите на политики, да ги создадат неопходните предуслови.
-Ова е национален процес што бара стратешки и систематски пристап. Денес започнување со основниот суд во Кавадарци, а по него ќе следат основните судови во Штип и Струмица, како и граѓанскиот и кривичниот суд во Скопје. Сепак, ќе ја искористам оваа можност да ја нагласам важноста за вклученост и обезбедување одржливи решенија од страна на државата. Мисијата ќе продолжи да ги поддржува националните правосудни власти во напорите за спроведување на правосудната реформа, дециден беше Која.
Пред присутните се обрати и  претседателот на Советот на ИКТ во правосудството и претседател на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев.
-Денеска започнуваме со операционализацијата на третиот сегмент од оперативниот план којшто минатата година го донесе Владата, за опремување и осовременување на судовите со ИКТ алатки.
Нека денешниот ден уште еднаш заеднички покаже и докаже дека судството и сите ние заеднички започнуваме една нова дигитална ера во делот на пристапот до правдата и остварувањето на судските одлуки, рече Нанев.
Настанот беше во организација на Министерството за правда во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Здружението за кривично право и криминологија. свд/вг/

Остани поврзан