• сабота, 23 ноември 2024

Судијката од Врховен Цветанка Периќ ја повлече кандидатурата за член на Судски совет, но ќе остане на гласачкото ливче

Судијката од Врховен Цветанка Периќ ја повлече кандидатурата за член на Судски совет, но ќе остане на гласачкото ливче

Скопје, 3 јуни 2024 (МИА) – На итна седница денеска Судскиот совет го разгледуваше известувањето за повлекување на пријавата од страна на кандидатот за избор на член на Советот од редовите на Врховниот суд, Цветанка Периќ и донесе заклучок со кој констатираше дека кандидатските листи за претстојното гласање остануваат непроменети. 

Со девет гласа „за“, Судскиот совет на 489-та итна седница, едногласно го донесе заклучокот, откако шест дена пред изборите за член на Советот, судијката од Врховен, Периќ доставила известување до Судскиот совет дека од здравствени причини ја повлекува пријавата.

Членот на Советот Антоанета Димовска рече дека е непријатно изненадена од известувањето за повлекување на Периќ од кандидат за член на Судски совет.

– Морам да кажам дека непријатно сум изненадена, бидејќи сето ова се случува во фаза кога целата постапка е завршена. Судскиот совет не може да преземе никакво дејствие, бидејќи сите дејствија ги презедовме, ги утврдивме кандидатските листи, формирана е Комисијата за изборите и ова за мене е најмалку чудно. Не знам за какви здравствени причини се работи, но се работи за судија од Врховниот суд. Треба да бидеш здрав да ја извршуваш функцијата и во Врховниот суд, како и работата во Судскиот совет, рече Димовска.

Според членот на Советот, Селим Адеми, ваквата ситуација која што настана не е уредена со закон, а Советот веќе ја има утврдено листата со двајцата кандидати и доставено до Комисијата за избор. 

– Ова првпат се случува и не е предвидено со закон. Судскиот совет утврди листа со двајца кандидати и го достави до Комисијата за избор и потоа е работа на Комисијата. Од извештаите на Комисијата за избор што ги имаме се вели дека материјалите се отпечатени, примени и има финансиски импликации. Сега Судскиот совет во оваа фаза не може да интервенира и смени друга кандидатска листа, рече Адеми.

Во врска со повлекувањето на пријавата, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, кажа дека не е детално запознаена со причините за повлекувањето на судијката Периќ.

– Ниту јас, ниту судиите сме детално запознаени со причините за повлекувањето. Од суштинско значење ќе беше да се извести на седницата на судии за ваквиот чекор на судијката, со оглед на тоа дека изборниот процес е веќе започнат и преземени се низа процедурални дејствија, односно процесот е дојден до фаза на самото гласање. Секогаш треба да се има должно внимание кон сите аспекти, бидејќи вршењето на судиската функција и вршењето на функцијата член на Судски совет од редовите на Врховниот суд е јавна работа која што е непосредно поврзана со јавниот интерес, вели Адеми. 

Посочи дека членот на Судскиот совет секогаш треба да се раководи од најважната цел, а тоа е заштита на самостојноста, интегритетот и угледот на судството. Вели дека потенцијалните членови од редот на судиите на Врховниот суд мораат да имаат јасна визија за нивната улога во Советот, како и улогата во целиот реформски процес на судството.

– Секогаш при вакви избори добро е да се има повеќе кандидати, тоа е смислата на изборниот систем. Во овој правец се и препораките на оценската мисија, кои детектираат дека потребни се подобрувања на законското решение на овој дел, рече Адеми.

Членот Тања Чачарова-Илиева апелираше при поднесување на пријава кандидатите да имаат подлабоки анализи на личните состојби, како и дали би можеле да одговорат на вршењето на функцијата член на Судски совет.

– Во моментов на листата се двајца кандидати и постапката е во завршна фаза. Отштампани се кандидатските ливчоња и тие се примени во Советот, а повлекување на Цветанка Периќ е доставено на 30.5.2024 година, еден ден пред да ги примиме гласачките ливчиња во Советот. Ние немаме обврска да одлучуваме и само ќе констатираме, но морам да кажам дека е несериозен чекор од судија на Врховен судија, со оглед на содржината на известувањето и наведените причини, вели Чачарова-Илиева.

На денешната седница едногласно беше усвоен и доставениот Финансиски план од страна на Комисијата за спроведување на изборот на членови на Судскиот совет од редот на судиите. 

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева посочи дека Финансискиот план е изготвен од потребата за целосно спроведување на постапката на избор на членови на Судскиот совет, кој ќе биде спроведен на 6 јуни. Според Финансискиот план предвидени се трошоци со вкупен износ од 47.500 денари. Дамева посочи дека трошоците се однесуваат за изборниот материјал, како и патните трошоци. ра/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан