• среда, 27 ноември 2024

Судиите Лимани и Камбовски се двајцата нови членови на Судскиот совет

Судиите Лимани и Камбовски се двајцата нови членови на Судскиот совет

Скопје, 6 јуни 2024 (МИА) – Судијата од Врховниот суд Исамедин Лимани и судијата од Апелационен суд Битола, Александар Камбовски, се двајцата нови членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Комисијата за избор ги сумираше резултатите од денешното гласање за избор на двајца членови на Советот, еден од редовите на врховните судии и еден од апелационо подрачје Битола. Гласањето започна во 8 часот и траеше непрекинато до 15 часот, а се одвиваше на вкупно седум избирачки места, каде судиите гласаа за кандидатите од своето апелациско подрачје.

На избирачкото ливче од редот на врховните судии беа Цветанка Периќ и Исамедин Лимани, за кои гласале 11 од вкупно 15 запишани гласачи. Комисијата за избор информираше дека за судијата Исамедин Лимани гласале седум судии, додека за судијката Цветанка Периќ двајца судии. Според резултатите, две гласачки ливчиња биле неважечки, а четири гласачки ливчиња биле неупотребени. 

Судскиот совет не ѝ дозволи на судијката Цветанка Периќ да се повлече од изборите, иако таа поднесе известување дека се повлекува од изборната трка од здравствени причини.

Од битолското апелациско подрачје кандидати за членови на Советот беа судиите на Апелационен суд Битола, Александар Камбовски и Татјана Сусулеска, како и судијката на Основниот суд Охрид, Александра Поп Стефанија. Според резултатите кои ги објави Комисијата, Камбовски е избран за член на Судски совет со вкупно освоени 28 гласа, за неговата противкандидатка Сусулеска гласале 10 избирачи, додека пак, за Поп Стефанија гласале тројца избирачи. Правото на глас од битолското апелациско подрачје го искористиле 42 судии од вкупно 43 запишани. Според резултатите, едно гласачко ливче било неважечко, како и едно неупотребено.

Комисијата за избор информираше дека до полноќ трае рокот за поднесување на приговори од страна на кандидатите за членови на Судскиот совет.

Согласно Законот за судски совет членовите на Советот од редот на судиите имаат мандат од шест години, со право на уште еден избор по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат во Судскиот совет. ра/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан