• среда, 27 ноември 2024

Судењето против Жан Митрев одложено за 13 јуни

Судењето против Жан Митрев одложено за 13 јуни

Скопје, 12 мај 2023 (МИА) – По барање на одбраната, во Основниот кривичен суд Скопје денеска повторно се одложи судењето против Жан Митрев, обвинет за „измама“.

Одбраната на Жан Митрев на денешното рочиште побара одложување на судењето поради тоа што не им биле доставени сите докази од листата на докази од јавното обвинителство и побара дополнителен рок од 20 работни денови за да извршат увид во доказите и 10 работни денови за подготвување на одбраната.

- Одбраната мора да ги добие сите докази што се наоѓаат на листата на Јавното обвинителство, во иста форма како што ги доставил јавниот обвинител, побара еден од бранителите, дополнувајќи дека одбраната бара да ѝ се овозможи, како што рече, „елементарното право за подготовка на одбраната со одложување на ова рочиште“.

По долга дискусија, јавниот обвинител не го оспори барањето, а судот го прифати барањето и следното рочиште го насрочи за 13 јуни.

Провото насрочено рочиште за овој предмет беше закажано за 28 февруари, но, се одложи поради тоа што обвинетиот ангажирал нови бранители. Потоа, рочиштето беше насрочено за 5 април, кога повторно не се одржа, а причина беше тоа што одбраната, како што посочија своевремено, „не успеала да изврши увид во списите на предметот кои сѐ уште се во Апелација“. 

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.

Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева. ар/ац/

Остани поврзан