• среда, 25 декември 2024

Субвенции за промена на покриви и лифтови во Општина Карпош

Субвенции за промена на покриви и лифтови во Општина Карпош

Скопје, 14 март 2023 (МИА) - Советот на Општина Карпош го усвои предлог - правилникот за условите, критериумите, видот и начинот на финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на колективните станбени објекти (згради), како и замена на азбестни покриви на индивидуалните станбени објекти (куќи), на територија на оваа локална самоуправа. За таа цел, Општина Карпош од својот Буџет за 2023 година обезбеди 3.000.000 денари.

Корисници на субвенциите можат да бидат Заедниците на сопственици или Управители на станбени згради, како и сопственици на индивидуални станбени објекти (куќи), кои треба да аплицираат врз основа на јавен повик кој понатаму ќе го објави Општина Карпош. Финансиската поддршка ќе се доделува по принципот прв дојден – прв услужен, а истата ќе трае до исцрпување на предвидените средства за таа намена. Оттука, процесот на субвенционирање ќе се заснова врз начелата на јавност, објективност, транспарентност, недискриминација, ефикасност и економичност, информира општинската прес-служба.

Висината на субвенционирање се разликува во зависност од тоа дали станува збор за колективен или пак за индивидуален објект. Поточно, за зградите ќе бидат субвенционирани најмногу до 50 проценти но не повеќе о 350.000 денари, од вкупниот износ на вредноста на поправката и санација на кровниот покривач за секоја одобрена апликација, врз основа на доставената најприфатлива понуда за материјали и работни позиции. За куќите, локалната самоуправа ќе субвенционира најмногу до 60 проценти но не повеќе од 120.000 денари, од вкупниот износ на вредноста за замена на азбестниот покрив.

Во овој случај за станбените згради, апликантите треба да исполнат одредени услови и критериуми од кои првиот е да бидат регистрирани како Заедници на сопственици или со заедницата да управува правно лице – Управител. Доколку колективниот станбен објект има повеќе влезови и истите се регистрирани како посебни правни лица или имаат управител, потребно е секој влез (секое правно лице) засебно да достави доказ – решение од Централен регистар на РСМ. Во насока на докажување на сопственоста на апликантите, потребно е да се достави имотен лист (не постар од шест месеци), за секој стан засебно.

За индивидуалните станбени објекти (куќите), исто така апликантите треба да достават имотен лист (не постар од шест месеци), за земјиштето под индивидуалниот станбен објект, како и имотен лист за самиот индивидуален станбен објект, со кој ќе се потврди сопственоста на апликантите.

Јавниот повик ќе содржи и посебни услови, кои треба да бидат целосно исполнети од страна на потенцијалните корисници за субвенционирање.

За колективните станбени објекти (зградите) ќе важи условот да бидат постари од 25 години, а доказот за старост на објектот се потврдува со Изјава заверена на нотар или со достава на копопродажен договор за стан. Заедницата на сопственици/Управител, треба да има донесено Одлука дека сопствениците на станови се согласни да се изврши поправка и санација на покривот (во прилог да достават список со потписи од 50% плус еден сопственик). Заедницата на сопственици/Управител треба да достават доказ дека имаат отворено сметка за резервен фонд, при што треба да имаат донесено и Одлука за избор на најповолна понуда за изведувач и надзор на изведбата за поправка и санација на кровен покривач.

За индивидуални станбени објекти (куќи), сопствениците треба да достават Изјава дека се согласни да извршат замена на постојниот азбестен покрив и дека се согласни да учествуваат со сопствени средства за дел од вкупниот износ за замена на кровен покривач. Исто така, сопственикот на куќата треба да достави Договор со изведувачот за замена на азбестниот покрив, како и имотен лист за земјиштето. Доколку површината на индивидуалниот објект е помала од 300 м2, изведувачот на работите доставува Изјава заверена на нотар, дека работите се изведени согласно позитивните законски прописи и нормативи за тој вид на работа. Доколку површината на куќата е поголема од 300 м2, сопственикот на објектот има обврска да достави до Комисијата, Договор за изведен надзор над изведбата за замена на азбестен покрив.

Процесот на евалуација на пристигнатите апликации ќе го утврдува 11 члена Комисија, која ќе врши увид во соодветноста на пристигнатата документација. Листата на потенцијалните корисници ќе биде објавена на веб страницата на Општина Карпош и на огласната табла на Општината, а дополнително ќе биде доставено и известување до секој апликант посебно, со соодветни податоци за постапката и насоки за евентуална понатамошна постапка. Сите апликанти имаат право по објавата на потенцијалните корисници на субвенцијата, да вршат увид во доставената документација и повлекување на истата.

Членовите на Советот го усвоија и Правилникот за условите, критериумите, видот и начинот на финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување на нови лифтови на станбени згради за колективно домување на територијата на општина Карпош. Вкупниот износ на субвенциите за оваа намена изнесува 4.000.000 денари, а финансиските средства се обезбедени од Буџетот на локалната самоуправа за 2023 година. И во овој случај субвенциите ќе се доделуваат по принципот прв дојден – прв услужен, се до исцрпување на средствата за оваа намена. Висината на субвенциите ќе изнесува најмногу до 50 проценти, но не повеќе од 500.000 денари од вкупниот износ на вредноста за поправка и/или санација на постоечкиот лифт или поставување на нов лифт.

 

Притоа, процесот ќе содржи услови и критериуми за субвенционирање и категоризација на згради. Имено, потенцијалните корисници на субвенцијата треба во целост да ги исполнат општите услови според кои треба да се регистрирани како заедници на сопственици или пак со заедницата да управува правно лице – Управител. Тие треба да достават и имотен лист (не постар од шест месеци) со кој се докажува сопственоста на станот. Потребно е да се достави имотен лист за секој стан засебно, со кој ќе се потврди сопственоста на апликантите (најмалку 50 проценти плус еден сопственик од сите станари во зградата).

 

Како посебни услови кои треба да бидат целосно исполнети од страна на потенцијалните корисници на субвенции од овој вид, се вбројуваат предиспозициите дека станбените згради треба да бидат постари од 25 години и доказот за староста на објектот да биде потврден со Изјава на нотар или со достава на купопродажен договор за стан. Заедницата на сопственици треба да достави и доказ дека има отворено сметка за резервен фонд, да има донесено одлука за избор на најповолна понуда за изведувач и за надзор на изведба за поправка и санација на постоечки или поставување на нов лифт.

 

И во оваа ситуација Општина Карпош ќе објави јавен повик во дневен весник, во електронска форма на официјалната веб страница и ќе постави известувања во печатена форма на сите јавни објекти во локалната самоуправа. Процесот на евалуација на пристигнатите апликации ќе го утврдува 11 члена Комисија, која ќе врши увид во соодветноста на пристигнатата документација, по што ќе доставува и извештај за својата работа до градоначалникот на Општина Карпош. Листата на потенцијалните корисници на субвенции ќе биде објавена на веб страницата на Општина Карпош и на огласната табла на Општината, а дополнително ќе биде доставено и известување до секој апликант посебно, со соодветни податоци за постапката и насоки за евентуална понатамошна постапка. Сите апликанти имаат право по објавата на потенцијалните корисници на субвенцијата, да вршат увид во доставената документација и повлекување на истата.

 

Со одлука на Советот е дадена согласност на Општина Карпош за кофинансирање на проектот „Набавка на машина – мал паметен чистач со нула загадување“. За таа цел, локалната самоуправа ќе учествува со свој проект/апликлација на Јавниот повик за финансирање на проекти за развој на урбаните подрачја и одржлив урбан развој, од Програмата за рамномерен регионален развој за 2023 година која е објавена од Бирото за регионален развој на РСМ. Вкупната вредност на целата програма за Скопски плански регион е 8.634.000 денари, од кои Општина Карпош аплицира за набавка на ова средство за одржување на јавната хигиена во висина од 1.572.592 денари. Оттука, Општината ќе кофинансира 15% од вкупната вредност на проектот (поточно 235.888 денари), а постапката би се реализирала по добивање на поднесениот проект.

Советниците дадоа „зелено светло“ и за предлогот за прифаќање на донација од Државна видеолотарија на РМ, во вид на опрема за реконструкција на мултифункционален терен за ракомет, фудбал и кошарка. Имено, донаторот ќе обезбеди средства за набавка и монтажа на гумена подлога – тартан, за игралиште со димензии од 800м2, потоа за набавка, транспорт и поставување на две табли за кош и два фудбалски голови, а тука влегуваат и трошоците за монтажа на ограда околу теренот. Земјените, бетонските и подополагачките работи треба да ги изведе Општина Карпош, а донираните средства се предвидува да не надминуваат над 3.500.000 денари со вклучен ДДВ.лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан