• понеделник, 16 декември 2024

Студентите мора да бидат слушнати, ние ги слушаме и работиме за нив, порача Ковачевски

Студентите мора да бидат слушнати, ние ги слушаме и работиме за нив, порача Ковачевски
Гостивар, 15 ноември 2022 (МИА) - Студентите се наши деца, тие имаат право да го кажат својот глас, да бидат слушнати и ќе бидат вклучени во носењето на политиките коишто нив ги засегаат, порача премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќањето на вечерашната трибина во Гостивар „Силно и одлучно кон иднината“. Според него, во општеството премногу се зборува за стапки на раст, за приходи, за профити, а најмалку за студентите и нивниот стандард. Ковачевски најави дека во работната група која ќе работи на изготвување на законски измени ќе учествуваат и студентите. - На моја иницијатива вчера јас отидов во Собранието и седнав со сите лидери на студентските движења и најдовме заедничко решение преку дијалог. Ние вчера успеавме да дојдеме до решение и за студентите во однос на нивните барања за студентскиот оброк. Да не заборавиме дека студентскиот оброк првпат беше воведен од страна на Владата предводена од СДСМ, на предлог на СДММ пред само две години, потенцираше Ковачевски. Тој, зборувајќи за актуелната политичка ситуација и движењето на државата по „европскиот пат“ ја посочи опозицијата како опасност, нагласувајќи дека Апасиев и Мицкоски заедно сакаат да ја доведат земјата до раб на амбис. На трибината во Гостивар, зборуваше и претседателот на ОО СДСМ Гостивар, Игор Велјаноски кој истакна дека партијата има одговорен пристап и не се подготвува за избори, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, туку работи да обезбеди европска иднина на државата. - Ние се спремаме државата да ја изведеме на прав пат и да ја интегрираме во Европската унија. СДСМ за разлика од ВМРО никогаш не калкулирала со рејтингот кога е државата во прашање, истакна тој. Велјаноски напомена дека во период на економска криза Владата на чело со премиерот Ковачевски е спремна да одговори на сите предизвици и во обраќањето на трибината се осврна на проектите реализирани од централната власт во општина Гостивар: реконструкцијата на регионалниот пат Гостивар - Србиново, реконструирањето на магистралниот пат Гостивар - Колари, гасификацијата во полошкиот регион. Меѓу поважните проекти кои се однесуваат на гостиварскиот регион, тој ги спомена и изградбата на две градинки во селата Равен и Форино и доградбата во детска градинка во Гостивар, изградба на колектор и фекална канализација во урбан блок 21, нов резервоар за зона 3 со капацитет од 5.600 кубни метри. згм/сп/

Остани поврзан