• недела, 14 јуни 2026

Студентите во блокада во Србија најавија за Видовден протест во Краљево

Студентите во блокада во Србија најавија за Видовден протест во Краљево

Белград, 13 јуни 2026 (МИА) -    Студентите во блокада во Србија ги повикаа граѓаните да им се придружат на протестот „Се се гледа на Видовден“, што ќе се одржи на 28 јуни во Краљево.
Повикот за собирот беше објавен на социјалните мрежи.

„Краљево те повикува - 28 јуни 2026 година“, се наведува во соопштението.

Засега не се објавени детали за програмата на собирот, но студентите ги повикаа граѓаните да дојдат во Краљево тој ден и да ги поддржат нивните барања.

На Видовден лани се одржа во Белград еден од најголемите протести.

Пред митингот на Видовден, студентите во блокада ги повикаа граѓаните и на голем протест во Нови Сад, што е најавен за 20 јуни. 

Студентските протести и блокади на факултетот траат веќе 19 месеци, а студентите нагласуваат дека ќе продолжат со акции и јавни собири се додека не се исполнат нивните барања и не се распишат избори.

Кратко по падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември 2024 година, студентите почнаа блокади на факултети и протести кои на крајот прераснаа во најголемите политички протести откако Српската напредна странка и Александар Вучиќ дојдоа на власт.

Студентските протести кулминираа со голем митинг на 15 март 2025 година во Белград, кој Архивата на јавни собири го оцени како најголемиот протест некогаш одржан во главниот град на Србија.

Во мај лани, студентите во блокадата излегоа со конкретно политичко барање и официјално побараа распишување вонредни парламентарни избори, на кои го најавија своето учество со студентска листа.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на почетокот на јуни изјави дека „парламентарните избори ќе се одржат веднаш по летото“. Вучиќ во април објави дека СНС ќе има голем митинг на Видовден, во Белград. зш/сд/