• четврток, 19 декември 2024

Стуб: Сфатете го сериозно планот на Трамп за мир во Украина

Стуб: Сфатете го сериозно планот на Трамп за мир во Украина

Хелсинки, 12 ноември 2024 (МИА) – Доналд Трамп треба да биде сфатен сериозно кога зборува за завршување на војната во Украина, изјави за Блумберг финскиот претседател Александар Стуб. 

Победата на Трамп на претседателските избори во САД дополнително ја зголеми неизвесноста за Украина во однос на идната воена помош и одбрана од руската инвазија.

По вчерашниот разговор со Трамп, Стуб рече дека намерите на Трамп по преземањето на функцијата во јануари 2025 година се јасни.

-Европа и остатокот од светот мора да разберат дека Доналд Трамп е многу сериозен за брзо постигнување мировен договор, рече тој. „Постои можност за овие преговори и пред инаугурацијата“, додаде тој.

Трамп постојано ветуваше дека ќе ја заврши војната „во рок од 24 часа“, а иако сè уште не претставил конкретен план, се очекува дека тој би можел да вклучи и отстапување на дел од украинската територија на Русија.

Во интервју за Блумберг, Стуб наведе четири предуслови за мир во Украина. 

-Ова го вклучува прашањето за териториите, каде што не знаеме како ќе се решат работите. Второто е безбедносни гаранции, третото е правдата и последното е реконструкцијата, рече тој.

Да потсетиме, Финска го забрза приемот во НАТО поради војната во Украина. Таа официјално стана членка во април минатата година. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан