• среда, 25 декември 2024

Струшката болница работи со полн капацитет, кај пациентка изваден тумор од пет килограми

Струшката болница работи со полн капацитет, кај пациентка изваден тумор од пет килограми
Струга, 3 ноември 2020 (МИА) – Струшката болница работи со полн капацитет. Сите оддели се достапни за пациентите, редовно се вршат прегледи и интервенции, информира директорот Мухамед Асани. Пред неколку дена, додаде тој, на одделението за Гинекологија и акушерство била изведена интервенција со која бил отстранет тумор од матка кај 45-годишна пациентка. - Кај 45-годишна пациентка отстранет е околу пет килограми тумор од матката. Пациентката е во добра здравствена состојба и пуштена е на домашно лекување. Сакаме да упатиме еден апел жените редовно да прават контроли кај своите гинеколози за да не дојде до вакви случаи, изјави Асани. Во однос на справување со пандемијата од Ковид-19, директорот на Болницата посочи дека во моментот имаат доволно слободни кревети. Позитивните пациенти се хоспитализираат на посебен дел во Интерното одделение, каде првично беа адаптирани 10 кревети, но како што се зголемува бројката се прават услови за сите да бидат згрижени. - Со растот на бројките на ниво на држава и ние имаме пораст, но хоспитализирани имаме 10 до 15 пациенти, кои се потврдени позитивни на Ковид 19. Во болницата се вршат сите редовни прегледи, ако е потребна хоспитализација ги хоспитализираат, а потешките случаи се транспортираат на Инфективната клиника во Скопје, нагласи Асани. Потсети дека ја чекаат монтажната болница која беше најавена од Министерството за здравство, но доколку не ја добијат има план за преадаптација на други простории за пациентите со коронавирус. - Да не се шири страв кај граѓаните на Општина Струга. Ние функционираме според потребите и секојдневните побарувања од пациентите, подвлече директорот на Болницата Асани. сс/мс/

Остани поврзан