• среда, 20 ноември 2024

СТО значително ја намали прогнозата за раст на светската трговија

СТО значително ја намали прогнозата за раст на светската трговија

Женева, 11 април 2024 (МИА) – Светската трговска организација (СТО) проценува дека светската трговија годинава треба да закрепне, но растот ќе биде многу послаб од очекуваното. 

Според пресметките на СТО, обемот на светската трговија треба, благодарение на слабеењето на инфлаторните притисоци, да се зголеми за 2,6 отсто, по падот од 1,2 отсто во 2023 година.

Новата прогноза за 2024 година е пониска за 0,7 процентни поени од таа што СТО ја очекуваше на крајот на минатата година, со истакнати ризици што може да резултираат со пад на трговијата за 1,6 отсто. 

Според новите прогнози, објавени вчера, во 2025 година растот би требало да се забрза до 3,3 отсто.

Од нејзиното формирање, кон средината на деведесеттите, светската трговија до минатата година се намали само во 2020 година, поради пандемијата на Ковид и во 2009 година, поради глобалната финансиска криза. Во 2020 година таа опадна за пет отсто, а во 2009 година за повеќе од 12 отсто. 

СТО во својот најнов извештај забележува дека во 2023 година увозната побарувачка во Европа беше исклучително слаба, каде што влијанието на порастот на цените на енергијата и инфлацијата беше најинтензивно.

Организацијата забележува дека кризата во Црвеното Море, низ кое минува 12 отсто од светската трговија, го попречи транзитот на бродови, но не го спречи. 

-Ситуацијата треба внимателно да се следи, но ризикот од скок на цената на нафтата поради ескалацијата на блискоисточната криза е веројатно поголема закана за трговијата од нарушувањата на сообраќајот во Суецкиот канал, изјави главниот економист на СТО, Ралф Оса.

Промената на цените на енергијата веднаш ќе влијае врз глобалната трговија, додаде претставникот на СТО. Влошувањето на кризата на Блискиот Исток, геополитичките тензии и зголемениот протекционизам се закануваат и на фрагментација на глобалната трговија, предупредува СТО. сд/

фото:ЕПА

 

Остани поврзан