Стојкоски им порача на маркетите: Цените објавени на интернет да бидат исти со оние на рафтовите
- Цените на производите што маркетите ќе ги објавуваат на своите интернет страници, мора да бидат исти со оние на рафтовите. Во спротивно, ќе следуваат казни од 500 до 10 000 евра, рече денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Влатко Стојкоски.

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Цените на производите што маркетите ќе ги објавуваат на своите интернет страници, мора да бидат исти со оние на рафтовите. Во спротивно, ќе следуваат казни од 500 до 10 000 евра, рече денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Влатко Стојкоски.
Ваквата обврска произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачите, а важи за сите мали, средни и големи правни субјекти кои вршат трговија на мало. Тие ќе мораат, не само да ги објавуваат цените, туку и да ги ажурираат на дневна основа, а контролата дали го почитуваат законското решение ќе ја спроведува посебен инспекциски тим на ДПИ.
Според Стојкоски, трговците веќе имаат свои веб страници, делумно се подготвени и ќе одговорат на обврската.
-Не смее да има разлики во цените на веб страницата со оние во маркетите. Да бидеме јасни и прецизни, Законот е за заштита на потрошувачите и казните се од 500 до 10 000 евра зависно од големината на правниот субјект. Со објаваувањето на цените на интернет не само што потрошувачите ќе бидат подобро информирани, туку и ние ќе имаме подобар преглед на целата ситуација. Јас како директор планирам да имам посебен центар за анализа - инспектори за анализа кои ќе излезат подготвени на терен и ќе вршат мониторинг. Нам тоа ни е работа и ние сме тука за граѓаните, потрошувачите, истакна Стојкоски на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања.
Тој подвлече дека буквално секој трговец од малопродажбата со над 10 вработени е обврзан да ги објавува електронски цените на своите производи, независно дали продава железарија или бела техника.
Претходно, директорот на ДПИ информираше дека поради непочитување на владините мерки за маржите затворени се осум правни субјекти од кои три маркети, една аптека и тројца најголеми увозници на овошје и зеленчук. кај нив контролите утврдиле маржи до 70 отсто.
-Во анализите што ги правевме, кај маркетите беа увидени маржи од пет до 20 отсто за најобртните производи и над 30 проценти кај помалку обртните и непрехранбените производи: за лична хигиена, хемиски средства, бебешка храна, пелени,..., додека кај увозниците се увидени бруто профитни маржи - увоз до фактура кон маркет 30 до над 50 отсто. Повторно апелирам, трговците да ги почитуваат законите и владините одлуки. Глобите за непочитување се движат од 500 до 10 000 евра, а следува и забрана за вршење дејност. Ги потсетувам граѓаните да пријавуваат ако забележат неправилности на телефонскиот број 191 или на веб страницата на ДПИ, напомена директорот.
Моментно ДПИ има вкупно 192 инспектора, но оваа бројка, како пто рече Стојкоски, не е доволна и капацитетот ќе мора да се засили.
На прашањето што по 30 април кога завршуваат владините мерки за маржите, Стојкоски одговори дека состојбите се следат, особено случувањата на берзите.
-Факт е дека овие мерки се краткорочно решение и за тоа сме сите свесни. Од 1 мај ќе се разгледаат актуелните случувања, состојбите на берзите. Берзанската цена на кафето, на пример, овие денови се покачува за 100 до 300 отсто. Се следат состојбите. Моја надлежност и цел е да дадам анализа до Владата или Министерството за економија кое потоа е одговорно за следните чекори, нагласи директорот на Инспекторатот. мч/лв/
фото: МИА