• понеделник, 23 декември 2024

Стојковски: Постапките за езерото „Младост“ и хаваријата во Градско се во тек

Стојковски: Постапките за езерото „Младост“ и хаваријата во Градско се во тек

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) – Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски денеска информираше дека анализите од инспекцискиот надзор покажале дека водата во Велешкото езеро „Младост“ е лоша, а за хаваријата во Биогасната централа во Градско се очекува решението да биде доставено до правното лице. 

- Направен е инспекциски надзор на сите правни субјекти кои егзистираат таму како и увид на целиот колекторски систем. Земени се анализи кои покажаа дека водата во однос на физичко-хемиските карактеристики не е добра, со лош квалитет е и негативно влијае врз опстанокот на живиот свет во езерото и е опасна по здравјето на граѓаните и не треба да се користи, истакна Стојковски по презентацијата на шестмесечниот извештај за работата на ДИЖС.

За хаваријата во Биогасната централа во Градско, дополни дека се очекува решението да биде доставено до правното лице.

- При увидот на 27 јули е констатирано дека овој течен отпад кој што се користи како ѓубриво во земјоделски активности е транспортиран на соседна парцела без дозвола, направена е лагуна и истата е пробиена, односно, течното ѓубриво е истечено во соседните парцели и во реката Вардар. Согласно Законот за животна средина, за овој прекршок е предвидена санкција од 110 до 120 илјади евра за правното лице кое е среден трговец и 6.000 евра за одговорното лице. Инспекторот го изготвува записникот и се очекува записникот и решението да го достави до правното лице, рече Стојковски.

Надзорот во Биогасната централа во Градско следува откако пред два дена истекоа огромни количини на течно ѓубриво во Вардар, што предизвика голем помор на риби.

Шест велешки здруженија на иницијатива на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ со поддршка од Општина Велес и Биогасната електрана на „Брако“ - Фероинвест во село  Сарамзалино, изминативе два викенди од крајбрежјето на велешкото езеро Младост собраа над 110 тони фекалии, изумрени алги и други штетни материи кои се таложат на бреговите и го загрозуваат опстанокот на езерото и здравјето на капачите.

На новинарско прашањето во врска со мерните станици кои не функционираат подолго време, Стојковски одговори дека не се надлежни.

- Тоа е во надлежност на Министерството за животна средина и планирање. Ние не можеме ништо да преземаме. Ги следиме мерните станици, вообичаено загадувањето се јавува во зимскиот период и тоа се индикација за вршење на вонредни инспекциски надзори или планирање на редовните инспекциски надзори во зимскиот период, рече Стојковски. ар/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан