• вторник, 24 декември 2024

Стотици цивили бегаат пред налетот на паравојската во Дарфур

Стотици цивили бегаат пред налетот на паравојската во Дарфур

Картум, 14 август 2023 (МИА) - Стотици Суданци вчера избегаа од Нјала, во Јужен Дарфур, пред нападот на паравоените сили кои веќе четири месеци војуваат со суданската армија, изјавија локални жители за француските медиуми.

Во регионот Дарфур, во западен Судан, каде што, заедно со Картум, се водат најголемите борби, стотици луѓе ја напуштија Нјала, административниот центар на Јужен Дарфур и вториот по големина град во Судан, каде што „ракетите паѓаат врз куќите“. изјави жител на градот.

Други сведоци кажаа дека членовите на паравоените сили за брза поддршка (ФСР) на генералот Мохамед Хамдан Дагло ја нападнале Нјала со „десетици воени возила“, додека „стотици жители бегаат од зголемениот артилериски оган“.

Дарфур, местото на граѓанска војна во 2000-те, е упориште на паравоените ФСР. Борбите долго време се концентрирани во Ел Генеина, административниот центар на Западен Дарфур, каде ОН се сомнева дека се сторени „злосторства против човештвото“.

Некои извори јавија за масакри врз цивили и етнички мотивирани убиства во Дарфур што им се припишуваат на паравоените сили и сојузничките арапски милиции.

Во раните 2000-ти, генералот Дагло, тогашен водач на арапската милиција Џанџавид, спроведе политика на изгорена земја против етничките малцинства во Дарфур, по наредба на поранешниот диктатор Омар ал-Башир.

Податоците од хуманитарната истражувачка лабораторија на американскиот универзитет Јеил покажуваат дека ФСР и сојузничките арапски милиции запалиле најмалку 27 села во Дарфур.

Од 15 април, во конфликтот меѓу ФСР и суданската армија, командувана од генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, загинаа најмалку 3.900 лица, што се смета за потценета бројка поради преовладувачкиот хаос, вкрстен оган и прекинати комуникации во добар дел од земјата.  

Во овие четири месеци над четири милиони Суданци ги напуштија своите домови. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан