• сабота, 28 декември 2024

Стотина Планинари денес се искачија на Царев Врв на Осоговските Планини

Стотина Планинари денес се искачија на Царев Врв на Осоговските Планини

Крива Паланка, 7 февруари 2021 (МИА) – Убавите снежни предели на Осоговскиот планински масив во Кривопаланечкиот реон, со врвовите Калин Камен и Царев Врв беа причина стотина планинари од Скопје, Куманово, Кавадарци и Крива Паланка денес да се искачат на планината и да уживаат во зимската идила.

Акцијата ја организираа иницијаторите од здружението „l love hiking Macedonia“, а се придружија планинарско-спортски клубови и друштва од Крива Паланка, Куманово и Кавадарци, под водство на лиценцирани планинарски водичи, согласно сите протоколи за организација согласно мерките за заштита од Ковид-19.

-Денес стотина учесници, членови на друштвата се искачија на Царев Врв на надморска височина од 2085 метри. Патеката е средно-тешка, се искачувавме во зимски услови, беше заснежено, но имаше силен ветар, кој го отежнуваше движењето, особено на оние што се почетници. Инаку, бевме шеесетина члена од „I love hiking Macedonia“ и останатите од другите друштва, рече Стефан Перовски , водич во „ I love hiking Macedonia“.

Истакна дека овој дел од Осоговските Планини е прекрасен, изобилува со убави пејзажи и е привлечен и за туристи и планинари во текот на целата година.

Според него, интерес за планинарење има кај се по голем број млади, а најчесто соодносот на мажи и жени во акциите е 60 наспрема 40 во корист на дамите, за кои вели, се можеби по големи авантуристи.

Следната акција  за искачување во организација на „I love hiking Macedonia“ е планирана претстојниот викенд, на врвот Кобилица, Шар Планина, која е тешка планинарска рута.иб/бк/

Остани поврзан