• сабота, 23 ноември 2024

Стопанска комора: Регионална соработка за подобра интеграција во ЕУ

Стопанска комора: Регионална соработка за подобра интеграција во ЕУ

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - Стопанската комора на Северна Македонија во рамки на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, што го реализира во партнерство со УСАИД, е дел од регионалниот настан „ПИТ Северна Македонија 2024“.

-На настанот, преку презентации и дискусии организирани во рамки на неколку панели, со учество на компании членки на Стопанската комора на Северна Македонија и на коморите од Србија и од БиХ и преку споделување различни искуства, се стави акцент врз користењето на потенцијалите за поголема регионална соработка, соопшти денеска Стопанската комора на Северна Македонија.

Потенцирана е, информираат, и важноста од здружување на производствените и на индустриските сектори од регионот, како основа за подигнување на обемот на производство и на понудата за заеднички настап на трети пазари, пред сѐ, на пазарите во Европската Унија.

Учесниците на Самитот реализираа и Б2Б-средби во насока на поттикнување нови партнерства и продлабочување на веќе постојната соработка во регионални рамки.  

Дерик Фефер од УСАИД истакнал дека надградувањето на регионалните економски врски ќе помогне во градењето поврзан и просперитетен Западен Балкан.

- УСАИД работи на зајакнувањето на конкурентноста преку поддршка на приватниот сектор за инвестирање во своите синџири на добавување, за модернизација и за адаптација на новите пазарни трендови, а ваквите регионални настани го овозможуваат токму тоа, рече Фефер. 

Билјана Пеева-Ѓуриќ, проектен менаџер на проектот и оперативен директор во Стопанската комора на Северна Македонија, посочила дека од почетокот на проектот до денес се работи на испорака на конкретна поддршка за голем број извозно-ориентирани компании. 

- Преку обезбедување техничка и стручна помош при воведувањето на меѓународните стандарди за квалитет, развивањето и имплементацијата на нови дигитални решенија и алатки, изработката на проектни апликации за пристап до финансии за реализација на инвестициски проекти и при изработката на маркетинг-стратегии за извоз, со цел градење на капацитетите за пристап до нови пазари. Овие активности ќе продолжат и во наредниот период. Наедно, организиравме посети на неколку саемски манифестации, реализиравме деловни поврзувања за нашите компании со партнери од регионот и од ЕУ, а во тек е реализација и на нова дигитална алатка која ќе биде главен патоказ и информатор за нашите извозници, наведе Пеева-Ѓуриќ.

„ПИТ Северна Македонија 2024“ е продолжение на циклусот регионални настани што започна минатата година на PIT Adria Summit 2023, а којшто се одржа во Белград. На Самитот е констатирано дека локалниот и регионалниот амбиент бараат позначајна поддршка и стимул, како и навремено и сеопфатно претставување на вкупниот предизвик во поширока смисла. На панел дискусиите одржани во рамки на самитот акцентот бил ставен на конкурентноста, иновативноста и новите технологии во насока на подигнување на конкурентноста на компаниите, поголемата регионална соработка, но и интензивирање на соработката на компаниите од Западен Балкан со ЕУ-пазарите.

Активноста е во организација на „Браварија индустриски маркетинг“, во соработка со PIT Events и со МАМЕИ, Инфоверс, ЗАВАР, НЛ Комора на Северна Македонија, ТАРГЕР Е&К, АХК, Стопанска комора на Федерацијата БиХ, Стопанска комора на Србија и Светска банка.

Преку проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, УСАИД ја поддржува Стопанската комора на Северна Македонија во напорите да овозможи подобра интеграција на бизнисите во регионалните и во глобалните вредносни синџири и засилување на нивниот капацитет, за да бидат конкурентни во Западен Балкан и пошироко во ЕУ. Идејата е да се создадат алатки за јавно-приватен дијалог, промоција на придобивките од регионалната економска интеграција на деловната заедница, истражување и унапредување на можностите за извоз и за обезбедување одржливи услуги за извозните компании. лв/бак/

Фото: Стопанска комора на Северна Македонија

 

 

Остани поврзан