• вторник, 17 декември 2024

Столтенберг ја повика Кина да соработува по прашањето за контрола на вооружувањето

Столтенберг ја повика Кина да соработува по прашањето за контрола на вооружувањето

Брисел, 18 април 2023 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја повика Кина да соработува по прашањето за контрола на вооружувањето. Тој го истакна тоа во видео обраќање на конференцијата на Алијансата за ова прашање во Вашингтон.

„Како глобална сила, Кина има глобални одговорности“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека Пекинг ќе има корист и од зголемената транспарентност, предвидливост и сигурност на договорите за контрола на вооружувањето.

„Кина брзо го зголемува својот нуклеарен арсенал без никаква транспарентност за нејзиниот капацитет“, рече генералниот секретар на НАТО.

Тој предвидува дека до 2035 година Кина ќе има околу 1.500 нуклеарни боеви глави.

Русија беше „најдиректната закана за нашата безбедност“, рече тој, но развојот на настаните со другите земји како Кина, Иран и Северна Кореја, исто така, е вознемирувачки.

„Мораме да запомниме дека договорите за контрола на вооружувањето не се склучуваат меѓу пријатели, туку меѓу противници“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека колапсот на меѓународниот поредок за контрола на вооружувањето може да доведе до неограничено ширење на оружјето за масовно уништување, а тоа носи исклучително големи опасности.

Другата можност, посочи генералниот секретар на НАТО, е да се работи на подобрување на контролата на вооружувањето, што ќе овозможи да се намалат ризиците, да се зајакне меѓусебната доверба и да се направи светот побезбеден.

„Нема да биде лесно и нема да биде брзо, но од витално значење е да го направиме тоа“, рече Столтенберг. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан