Столтенберг: Украинскиот претседател Зеленски е поканет на самитот на НАТО
- Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска објави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е поканет да учествува на самитот на лидерите на Алијансата на крајот на месецов в
Брисел, 15 јуни 2022 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска објави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е поканет да учествува на самитот на лидерите на Алијансата на крајот на месецов во Мадрид.
„Зеленски, се разбира, е добредојден да дојде лично. Ако тоа не е можно за него, тој ќе ни се обрати преку видео-конференција“, рече Столтенберг на прес-конференцијата во Брисел.
Тој нагласи дека „лидерите на НАТО се исклучително посветени да ја поддржат Украина и да ја покажат таа солидарност не само со зборови, туку и со дела“.
Зеленски веќе им се обрати на 30-те шефови на држави и влади на НАТО преку видео-врска на нивниот последен самит во март во Брисел по руската инвазија на Украина.
Столтенберг, исто така, најави дека очекува лидерите на НАТО на состанокот во Мадрид да одлучат за понатамошна поддршка за Украина за да и помогне на нејзината воена транзиција од опрема од советската ера на модерно оружје. паг/