• среда, 27 ноември 2024

Столтенберг: Поддршката за Украина не е милосрдие, туку безбедносен интерес на НАТО 

Столтенберг: Поддршката за Украина не е милосрдие, туку безбедносен интерес на НАТО 

Вашингтон, 10 јули 2024 (МИА) - Поддршката за Украина во справувањето со руската инвазија не претставува милосрдие, туку инвестиција во безбедносниот интерес на НАТО, порача денеска генералниот секретар на Алијансата во воведното обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет во рамки на Самитот на Пактот во Вашингтон. 

Тој изрази надеж дека на Самитот земјите членки на НАТО ќе решат да ја зголемат поддршката за Украина преку воспоставување на „координација за безбедносна помош и обука“ на украинските вооружени сили, како и преку обезбедување одржлива поддршка за земјата на долг рок.

Столтенберг најави и дека на собирот ќе бидат донесени важни одлуки за идна безбедност на земјите членки на НАТО, како и дека Алијансата ќе ги зајакне партнерствата во азиско-пацифичкиот, како одговор на растечкото зближување на Русија со Кина, Иран и Северна Кореја. 

Првиот човек на НАТО при тоа му посака „добредојде во семејството“ на шведскиот премиер Улф Кристершон, кому ова е прво учество на собир Алијансата по приемот на Шведска за полноправна членка на Пактот во март годинава. 

Столтенберг му се заблагодарува и домаќинот на Самитот, американскиот претседател Џо Бајден за неговото „лично лидерство и силна посветеност кон НАТО во текот на многу години“, што, како што рече, „сите не направи посилни“.  

Според Столтенберг, нема подобро место за прослава на 75-годишнината од формирањето на НАТО од Вашингтон, каде што во 1949 година беше потпишан Северноатлантскиот договор со што беше создадена Алијансата. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан