• среда, 27 ноември 2024

Столтенберг: Во моментов нема непосредна воена закана од Русија врз некоја членка на НАТО (ДПЛ) 

Столтенберг: Во моментов нема непосредна воена закана од Русија врз некоја членка на НАТО (ДПЛ) 

Брисел, 10 јули 2024 (МИА) - Во моментов не гледаме непосредни воени закани по кој било сојузник на НАТО од страна на Русија, бидејќи таа во моментов е целосно преокупирана со војната против Украина, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг пред почетокот на работниот дел од Самитот на Пактот во Вашингтон.  

- Не гледаме непосредна воена закана врз некој сојузник на НАТО, но гледаме константна закана од кибер напади, саботажи и различни непријателски активности врз сојузниците. Сепак мора да биде претпазливи и внимателно да следиме што прави Русија, истакна Столтенберг.  

За таа цел, според него, многу сојузници инвестираат во модерни одбранбени капацитети, што го прави НАТО посилен, а земјите членки побезбедни.   

Во одговор на новинарско прашања за можното намалување на поддршката за Алијансата од Вашингтон, доколку Доналд Трамп биде избран за американски претседател во ноември, Столтенберг нагласи дека очекува и по американските претседателски избори без разлика од нивниот исход, САД да останат силен сојузник во НАТО.  

- Прво, затоа што безбедносен интерес на САД е силен НАТО. НАТО е важен за Европа, но исто така е важен и за САД и ги прави посилни и побезбедни. Второ, затоа што во САД постои голема поддршка за НАТО. Последните анкети на јавното мислење покажуваат голема поддршка за НАТО во јавноста, но и во Конгресот, додаде Столтенберг.   

Тој потенцира дека претходно дадените изјави и критики на Трамп не беа насочени против НАТО, туку се однесуваа на недоволното издвојување на некои европски земји членки за потребите на одбраната, но дека сега таа состојба е променета и оваа година рекорден број сојузници го достигнаа нивото да одделат средства од своите буџети за одбранбени трошоци во износ од два отсто од нивниот БДП.  

Столтенберг потенцира дека на заседанијата на Самитот денеска и утре ќе бидат донесени важни одлуки за иднината на Алијансата, за одвраќањето и одбраната, за Украина и за тоа како Пактот да ја прошири соработката со партнери во азиско-пацифичкот регион. 

- Ова ќе биде историски Самит бидејќи ќе ја прославиме 75-годишнината од најуспешната Алијанса во историјата, но ќе направиме и повеќе од славење, истакна Столтенберг.  

Тој порача дека очекува да биде договорен „значителен пакет“ за поддршка на Украина, кој ќе се состои од пет елементи. Според него, првиот од нив е создавање Командата на НАТО за Украина која ќе обезбедува безбедносна помош и обука, потоа долгорочно ветување за продолжување и одржување на поддршката за земјата, испорака на итна воена поддршка, кој ќе вклучува системи за противвоздушна одбрана и нови билатерални безбедносни договори меѓу сојузниците и Киев, обезбедување целосна интероперабилност меѓу украинските сили и силите на Алијансата и отворање нов центар за обука и воздухопловство во Полска.  

- Сите заедно овие пет елементи претставуваат силен мост за Украина до членство во Алијансата. И јас сум убеден дека сојузниците потоа ќе ја повторат својата посветеност дека Украина ќе стане членка на НАТО, рече Стојтенберг. 

Во однос на барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски за зголемена поддршка за заштитата од руските напади со ракети и дронови, Столтенберг истакна дека на Украина ќе  и бидат доставени пет системи за противвоздушна одбрана, од САД, Италија, Романија, Холандија и „уште од еден сојузник“, што ќе претставува значаен придонес за земјата. 

- Континуирано работи на тоа како да испорачаме повеќе и ќе видиме што можеме да направиме во врска со тоа, додаде Столтенберг. 

Тој нагласи дека во однос на одвраќањето и одбраната, лидерите ќе се посветат на обезбедување сили за остварување на новите и амбициозни одбранбени планови, за што веќе се подготвени 500.000 војници во зголемена готовност, а ќе се интегрира и нова локација за балистичка одбрана во Полска. 

- Најважното е што сега гледаме дека сојузниците се засилуваат кога станува збор за одбранбените инвестиции. Пред десет години на Самитот на НАТО во 2014 година ветивме дека сојузниците треба да издвојат два отсто од БДП за одбраната. Во тоа време, само тројца сојузници издвојуваа два отсто или повеќе за одбрана. Оваа година, 23 сојузници ќе издвојат најмалку два отсто од БДП за одбрана. Ова прави голема разлика и покажува дека сојузниците ја сфаќаат безбедноста исклучително сериозно, додаде Столтенберг. 

Тој најави и дека лидерите на НАТО ќе се сретнат и со премиерите на азиско-пацифичките партнери - Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја.

- Војната во Украина покажува како нашата безбедност е меѓусебно поврзана, бидејќи Иран, Северна Кореја и Кина се главните овозможувачи на руската војна против Украина, додаде Столтенберг. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан