• петок, 05 декември 2025

Стејт департментот одобри продажба на оружје на Украина во вредност од 825 милиони долари

Стејт департментот одобри продажба на оружје на Украина во вредност од 825 милиони долари

Вашингтон, 29 август 2025 (МИА) - Американскиот Стејт департмент одобри можна продажба на воена опрема на Украина во вредност од околу 825 милиони долари, а потребната дозвола за оваа одлука е доставена до Конгресот на САД преку Агенцијата за соработка во одбраната и безбедноста –ДСЦА (DSCA).

Владата на Украина побара купување до 3.350 ракети ERAM (Extended Range Attack Munition) со продолжен дострел и ист број вградени GPS/INS системи со SAASM (Selective Availability Anti-Spoofing Module), Y-код или M-код, се наведува во соопштението од агенцијата, која е дел од американското Министерство за одбрана.

Покрај тоа, предложениот пакет вклучува контејнери за ракети, држачи, резервни и заменски делови, потрошен материјал, опрема за поправка, софтвер за оружје, хардвер и софтвер за планирање мисии, како и обука на персонал, логистичка поддршка и инженерски услуги. 

Американските власти проценуваат дека оваа продажба ќе ги подобри безбедносните капацитети на Украина и ќе придонесе за нејзината способност да се соочи со сегашните и идните закани, како и да спроведува мисии за самоодбрана и регионална стабилност.

Во соопштението се наведува дека Украина ќе користи средства од странски фондови обезбедени од Данска, Холандија и Норвешка, како и средства од програмата за воена помош на САД.

„Продажбата нема да ја промени основната воена рамнотежа во регионот“, соопшти ДСЦА.

Засега не е предложен никаков договор за компензација, а секој таков договор ќе биде дел од преговорите меѓу купувачот и изведувачот, се наведува во соопштението.сд/

Фото:МИА архива

Остани поврзан