• петок, 05 декември 2025

Стефано Санино заминува во „предвремена пензија“ по скандалот со Колеџот на Европа

Стефано Санино заминува во „предвремена пензија“ по скандалот со Колеџот на Европа

Брисел, 4 декември 2025 (МИА) – Генералниот директор за Блискиот Исток, Северна Африка и Персискиот Залив при Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино најави дека предвремено ќе се пензионира, откако беше опфатен со истрагата околу сомнежите за злоупотреба на средствата на ЕУ околу договорот за обука на идни дипломати во Колеџот на Европа во белгискиот град Бриж.

Во рамки на истрагата, Санино беше приведен во вторникот претпладне заедно со актуелната ректорка на Колеџот на Европа и поранешна висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и шефица на италијанската дипломатија Федерика Могерини и кодиректорот за образование, обука и проекти на Колеџот на Европа, Чезаре Зегрети, во рамки на истрагата за наводите дека Колеџот однапред бил информиран за критериумите во тендерската постапка за организирање на програмата за обука за дипломати на ЕЕАС.

Станува збор за програма организирана во академската година 2021-22, кога Санино ја извршуваше функцијата генерален секретар на ЕЕАС.

По сослушувањето сите тројца во вторникот вечерта беа ослободени од притвор, откако против нив беа покренати официјални обвиненија за случајот.

Во интерно известување упатено вчера до персоналот во ЕЕАС, во кое увид имал бриселскиот портал „Еурактив“, Санино потврдува дека бил сослушан во рамки на истрагата и дека против него е покренато обвинение, поради што смета дека е „несоодветно“ да остане на функцијата и решил предвреме да замине во пензија.

Во дописот, Санино додава и дека е „има доверба во работата на судиите и дека е уверен оти сè ќе биде разјаснето“.

Според извори во ЕЕАС, Санино ќе замине во пензија на крајот од месецов. сп/јт/

Фото: ЕЕАС

Остани поврзан