Стефана Димитрова и Даријан Кочоски се младенци на годинашната „Галичка свадба“
- Стефана Димитрова и Даријан Кочоски се невеста и зет на годинашната „Галичка свадба“, најавтентичната културно-сценска манифестација кај нас која ќе се одржи претстојниов викенд. Младенците ќе се венчаат в недела, 14 јули, во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди.
Скопје, 9 јули 2024 (МИА) – Стефана Димитрова и Даријан Кочоски се невеста и зет на годинашната „Галичка свадба“, најавтентичната културно-сценска манифестација кај нас која ќе се одржи претстојниов викенд. Младенците ќе се венчаат в недела, 14 јули, во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди.
Галичко потекло има невестата Стефана, која на прес-конференција денеска рече дека е преплавена од емоции, чувствува среќа и возбуда и е почестена што со Даријан годинава ќе бидат младенци на Галичката свадба.
Како што рече, потеклото и е галичко по двете баби кои се родени таму, од фамилиите Чаловски и Веновски, а веќе десет години учествува на „Галичката свадба“ носејќи ја носијата на прабаба ѝ Докија Чаловска.
-Верувам дека правилно ќе ја почувствуваме и ќе ја пренесеме галичката традиција која ни е оставена во наследство од нашите предци. Не треба да дозволиме нејзино искоренување. Ова беше моја желба, но многу е важно кој ми ја исполни таа желба - му благодарам многу на Даријан што уште еднаш ми покажа што значи вистинска љубов и разбирање, истакна Стефана Димитрова.
Нејзиниот сопруг Даријан Кочоски рече дека со задоволство прифатил да биде зет на годинашната манифестација која секоја година ја посетуваат многу домашни гости, но и странски туристи. Се заблагодари на организаторот, Месната заедница Галичник, што ги избрала токму нив да бидат младенци на „Галичката свадба 2024“.
Институционален покровител на „Галичката свадба“ е претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, поддржувач е Министерството за култура и туризам, а „Пивара Скопје“ веќе 50 години е партнер во организирањето на манифестацијата.
Свадбарските обичаи ќе почнат в сабота, 13 јули, со обредот „фрлање три пушки“ и со „виорење на свадбениот бајрак“. Вечерта в сабота е и пречекот на тапаните, свекрвиното оро, а членови на ансамблот „Танец“ ќе го одиграат „Тешкото“ – препознатливото оро за печалбарскиот Галичник.
Обичаите (канење на мртвите, канење на кумот, бричење на зетот, гледањето низ прстен, пречекот на сватовите, земањето на невестата, дарувањето...) и обредните песни и ора ќе продолжат в недела, на денот на венчавката на младенците во црквата во Галичник, а свеченоста ќе заврши со испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
На платото пред чешмата Упија во Галичник ќе биде обезбеден пренос, а целата манифестација во живо ќе може да се следи и на социјалните медиуми на Месната заедница Галичник.
Претседателот на МЗ Галичник, Александар Костиќ, на прес-конференцијата изрази задоволство што и по толку децении не спласнува интересот на младите да бидат дел од „Галичката свадба“.
-Напротив, интересот секоја година расте. Тоа е знак дека успеавме во нашата мисија да ги одржиме витални нашите обичаи и вредностите на традицијата која сме ја наследиле и ја пренесуваме на следните генерации, истакна Костиќ и додаде дека со поддршка на долгогодишните партнери, Галичник и годинава е подготвен на сите посетители да им ја презентира богатата и уникатна традиција.
Марија Мининчиќ од „Пивара Скопје“ истакна дека кога една соработка трае половина век, јасно е, рече, дека двете страни ги врзуваат исти вредности – „негување и грижа за традицијата и зближување на луѓето на настани кои се исполнети со позитивна енергија и заедништво“.
-Цела генерација „пиварци“ се горди на оваа поврзаност меѓу „Галичка свадба“ и „Пивара Скопје“ и на она што „Скопско“, како бренд кој годинава одбележува 100 години, се издигна на ниво како симбол на оваа исклучителна традиција, рече Мининчиќ.
Организаторите ја поканија јавноста да присуствува викендов во Галичник, но и повикаа на одговорно однесување кон природата и внимателност со фрлањето на отпадот, како и одговорно однесување во сообраќајот – возачите да не пијат алкохол и да го почитуваат сообраќајниот режим.
За почитување на „куќниот ред“ апелираше Костиќ нагласувајќи дека тоа ќе придонесе за беспрекорно организирање на настанот. Тој информираше дека движење на моторни возила низ Галичник ќе биде забрането од 21 до 1 часот по полноќ во петок (12 јули), од 18 до 22 часот во сабота (13 јули) и од 7.30 до 15 часот во недела (14 јули), односно забраната ќе важи и надвор од овие термини доколку се утврди потреба.
Од 12 до 14 јули не е дозволено ниту паркирање кај црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ , на Упија и секаде каде што ќе се одвива свадбата. Непрописно паркираните возила ќе бидат отстранети со „пајак“. хс/ев/
Фото: МИА