Стерјовски: Преспа има потенцијал, ќе се бориме да остане населена со Македонци, економски силна и културно богата
- Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски се заблагодари на Македонците од Мала Преспа за големото присуство на претставувањето на коалицијата на МАЕИ и Социјалистичката партија.

Пустец, 11 април 2025 (МИА) - Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски се заблагодари на Македонците од Мала Преспа за големото присуство на претставувањето на коалицијата на МАЕИ и Социјалистичката партија.
-Од срце им благодарам на сите мои сограѓани од Преспа за масовното присуство, топлиот пречек, за разговорите полни надеж и решеност. За доброто на Преспа и за сите Македонци во Албанија – одиме заедно напред, напиша тој на Фејсбук.
Додава дека во Преспа ја претставиле коалицијата помеѓу МАЕИ и СП - „здружени за претстојните парламентарни избори, со целосна посветеност на македонската заедница во Албанија".
- Во искрен разговор со нашите сограѓани, ги споделивме заедничките грижи и предизвици: потребата од модерна инфраструктура, канализациски системи, подобро образование, развој на туризмот и силна поддршка за земјоделството, наведува Стерјовски.
Преспа има потенцијал, посочува, и порачува „ние ќе се бориме таа да остане населена со Македонци, економски силна и културно богата“.
Стерјовски е на отворената листа за пратеници на СП во Изборна единица Корча, округ каде припаѓа и Мала Преспа, но како претставник на МАЕИ. вт/мд/