• понеделник, 23 декември 2024

Стартуваа градежните работи на автопатот Прилеп-Битола

Стартуваа градежните работи на автопатот Прилеп-Битола

Прилеп, 14 септември 2023 (МИА) - Со изведбата на патниот правец Прилеп - Битола, ќе добиеме најмодерно автопатско решение во должина од 40 километри и со тоа, практично ќе биде заокружена една голема градежна инфраструктурна офанзива во однос на нови, модерни автопатишта во нашата држава. Ова го изјави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, кој денеска  присуствуваше на симболичното минирање на трасата за автопатот.

На настанот присуствуваа и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, претставниците на изведувачот „Бехтел и Енка“ и заменик-амбасадорот на САД, Ерик Мајер.

Автопатот е во должина од 40 километри.

- Со изведбата на овој патен правец, ќе добиеме најмодерно автопатско решение во должина од 40 километри и со тоа практично ќе биде заокружена една голема градежна инфраструктурна офанзива во однос на нови, модерни автопатишта во нашата држава. Во полн ек се градежните работи на патните правци Градско - Прилеп каде што, пред само неколку дена, имавме можност да го видиме пробивањето и на вториот тунел на Фаришка клисура. Исто така, се одвиваат работите и на патниот правец кој води кон Фаришка клисура, што значи дека со завршувањето на сите овие патни правци, ќе имаме комплетно автопатско решение од Коридорот 10, исклучување кон Прилеп, Битола и патот кон Меџитлија кон грчка граница, истакна премиерот додавајќи дека овие зафати на граѓаните од овој регион, им биле ветувани со децении, но, досега не биле реализирани.

Овие работи се најголемата патна инвестиција во државава. Ковачевски истакна дека во моментов во тек се саеми за работа на Коридорите 8 и 10-д, а ќе се организираат насекаде низ државава.

Денеска е и саемот во центарот на Прилеп. За сите градежни работи на коридорите се потребни околу 2.000 вработени, а досега имало преку 360 апликации.

Според министерот за транспорт и врски, градежните активности на терен добиваат своја динамика и многу се битни за економскиот и инфраструктурниот развој на пелагонискиот регион.

- Да го тргнеме настрана скептицизмот, на пелагонискиот регион му требаат нов автопат, нови инвестиции, а изградбата на овој автопат е одговор на сите барања на граѓаните од овој регион. Градежните активности на терен добиваат своја динамика, денеска ова минирање подразбира дел од вкупниот процес за изградба на оваа патна врска меѓу Прилеп и Битола и сакам веднаш да потенцирам дека активностите се реализираат и побрзо од очекувањето и планираната динамика, рече Бочварски.

Ова е голем успех и зафат и е битно за целиот развој на Република Северна Македонија и за привлекување странски инвестиции, нагласи заменик-амбасадорот на САД.

- Ова автопатска делница е многу битна за Република Северна Македонија, особено за Прилеп и Битола, зашто ги поврзува со модерено, сигурно и современо автопатско решение. За граѓаните се отвораат и работни места и се развива и приватниот сектор, подвлече Мајер.

Со модифициран пристап за скратување на времето за сите активности, од проекти до дозволи, паралелно се работи на испитувањата, на екпропријацијата, на градежните активности.

- Имаме одлично темпо за геомеханичките испитувања на сите траси. Истовремено, веќе имаме подготвени елаборати за експропријација, дел од нив се веќе доставени во Бирото за вештачење и сите државни институции поврзани со експропријацијата работат интензивно. Тука сме денеска и почнуваме со градежните работи. Овој е историски проект со кој ја заокружуваме патната инфраструктура во Македонија. Ќе градиме по 23 километри годишно. За да немаме проблеми, како што е автопатот Кичево-Охрид, го сменивме моделот на работа со „Бехтел и Енка“, појасни директорот на ЈП за државни патишта.

Наместо со моделот „Црвениот Филип“, како што рече Рустеми, сега се работи според модифициран модел „Филип“.

- Тоа значи дека сите тие процедури кои кај „Црвениот Филип“ траеја 10 години, почнувајќи од физибилити студијата, со инфраструктурен и главен проект, дозвола за инфраструктурен проект и за главен проект, сега овие процедури со „Бехтел и Енка“, ги реализираме за пет месеци. Паралелно работиме и на геомеханичките испитувања, на подготвувањето елаборати за експропријација и подготвувањето и проектирањето на урбанистичките проекти и на главен проект, бидејќи одиме да проектираме дел по дел и дел по дел да градиме. Сега, моментално, сите овие активности се одвиваат паралелно, бидејќи ние имаме капацитет поради формирањето на посебниот тим, ангажиравме инженери од Македонија како експерти, истовремено ни помага и надзорот и секојдневно заедно работиме. Сега, трасите се веќе определени, течат геомеханичките испитувања, при крај се елаборатите за експропријација, тие се доставуваат во Бирото за вештачење и кога ќе ги имаме оценките за сите парцели, ги доставуваме кај државниот правобранител, а потоа и во Имотно-правни работи. Имаме делови со државни парцели и со нив прво почнуваме и затоа е брзоградба. Истовремено проектираме и градиме, додаде Рустеми, кој одговараше и на новинарско прашање за текот на работите.ем/бд/

Фото: Фејсбук страница на премиерот Димитар Ковачевски

Остани поврзан