Старите детски игри на млади иноватори од Велес на европски натпревар за претприемништво во Атина
- Старите детски игри илустрирани во инклузивна сликовница на македонски јазик, прва од ваков вид, идеја и иновација на тимот „Playful Pages“, односно петмина средношколци од ОСУ „Јовче Тесличков“ од Велес, ја претставува земјава на европскиот натпревар за претприемништво „Gen-E“ што се одржува во Атина, со учество на над 800 ученици од над 40 земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 2 јули 2025 (МИА) – Старите детски игри илустрирани во инклузивна сликовница на македонски јазик, прва од ваков вид, идеја и иновација на тимот „Playful Pages“, односно петмина средношколци од ОСУ „Јовче Тесличков“ од Велес, ја претставува земјава на европскиот натпревар за претприемништво „Gen-E“ што се одржува во Атина, со учество на над 800 ученици од над 40 земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Натпреварот „Gen-E“ претпладнево беше свечено отворен, а Симона, Искра, Ангела, Ива и Максим заедно со нивната професорка Радмила Андоновска по победата на националниот натпревар за ученички компании организиран од Џуниор Ачивмент Македонија, во грчката престолнина ќе ја презентираат нивната иновативна идеја.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, раскажуваат како дошле до иновативната бизнис-идеја игрите како ластик, плочка, ден-ноќ, музичко столче, влечење со јаже, џамлии, брза географија и слично, односно 25 стари игри да ги илустрираат во инклузивна сликовница која преку аудио, видео и визуелна поддршка ги оживува заборавените традиционални детски игри со цел да ги приближи до новите генерации.
- Со истражување со децата од четврто одделение од Панко Брашнаров сфативме дека тие подолго време поминуваат на телефоните отколку да играат надвор со другарчињата и слично и затоа дојдовме до решението да направиме сликовница со стари детски игри, игри што ние, нашите родители сме ги играле како мали за да им помогнеме на децата да се оттргнат од телефоните и да си ја научат културата и традицијата, велат од македонскиот тим.

Децата со кои биле во контакт или воопшто не ги знаеле овие игри или само слушнале за некои, но без да знаат како се играат.
- На страниците има и QR кодови, кои кога ќе се скенираат те носат до аудио и видео запис, кој објаснува како се игра играта. А аудиото е за деца со оштетен вид да можат да ја слушаат сликовницата, додека пак видеото е за сите деца полесно да ја разберат играта. Имаме и инклузивна верзија на сликовницата која е напишана со фонт за дислексија и им помага на тие деца да читаат, објаснуваат од „Playful Pages“.

Професорката Андоновска, која е и менторка на тимот, за МИА вели дека целата идеја и реализација е на учениците.
- Работевме цела година на часовите по ученичка компанија почнавме да разработуваме проблеми. Еден од проблемите што го утврдивме е дека малите деца се премногу време на телефон. Немаме ништо против технологијата, но да се користи разумно, еве овде ја споивме. Првично сакавме да издадеме книга, но со текот на работата сфативме дека сликовница ќе биде многу посимпатично. Самите ја илустрираа, рачно е нацртана со дигитално пенкало, дизајнот е целосно нивен. Игрите усно ги собираа, ги пишувавме ги едитиравме така што сега имаме добро изработена сликовница што буди носталгија, буди емоции, истакнува професорката.

Сликовницата е достапна во градската библиотека во Велес, како и онлајн, а наскоро ќе биде пуштена и во продажба, додека инклузивната верзија планирана е од септември.
Македонски тим осма година по ред учествува на европскиот натпревар
Извршната директорка на Џуниор Ачивмент Македонија Љупка Панчевска во разговор за МИА објаснува дека ова е осми пат тим од нашата земја да биде дел од европскиот натпревар и посочува дека сите членови на Џуниор Ачивмент Европа работат на истото – да се охрабрат младите да размислуваат претприемнички, но и финансиски да се описменат.
- За сето тоа се потребни вештини, компетенции. Овие млади луѓе имаат можност преку целата година да научат малку повеќе за тоа што значи да се биде дел од една ученичка компанија. Ученичката компанија може да биде реална, може да биде виртуелна. Сето тоа носи едно знаење како изгледа реалниот бизнис, како изгледа еден бизнис но и најважното како до профит, вели Панчевска.

Додава дека во соработката со финансиските институции, младите учат како да располагаат со финансиите, како да ракуваат со парите.
- Во рамките на еден тим во ученичката компанија тие се обврзани да изработат и билансна состојба како завршна сметка на ученичката компанија. Навистина имаат можност да научат за буџети и финансии, но секако и да работат тимски да бидат креативни, иновативни. Она што им стои како можност е да смислат производ или услуга. Токму сликовницата ги донесе овие млади луѓе на овој европски натпревар. Второто место на националниот натпревар беше платформа за занаетчии за мајстори, а третата награда беше за оние кои размислуваат за почвата и како да се искористи органското ѓубре во насока на еден подобар третман на земјата и прочистување од штетници, нагласува извршната директорка на Џуниор Ачивмент Македонија.

Оваа година домаќин на натпреварот е Џуниор Ачивмент Грција, а со оглед на тоа дека секоја членка аплицира за организирање, Панчевска изразува надеж дека „без разлика какво место ќе освоиме сега, еден ден ќе бидеме и ние домаќини за да покажеме што умееме и знаеме“.

Покрај младите претприемачи, присутни се и претставници на европски институции, лидери од бизнис-заедницата, инвеститори, и креатори на политики кои заедно ја поддржуваат новата генерација на европски иноватори.
На денешното свечено отворање на натпреварот во Атина, преку видео-порака на учесниците и присутните им се обрати еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт Глен Микалеф.

Ученичките тимови денеска и утре ќе ги презентираат своите бизнис идеи и ќе се борат за наградите што ќе бидат соопштени утревечер.
Натпреварувачите се избрани од повеќе од 500.000 ученици кои учествувале во програмите за претприемништво на Џуниор Ачивмент низ Европа во изминатата година.
Џуниор Ачивмент Македонија, веќе осма година по ред учествува на овој европски натпревар. Од 2017 година досега, преку нивните програми за претприемничко образование поминале повеќе од 3.500 средношколци од целата држава.
Сања Ристовска
Фото: МИА